Советот на општина Охрид на денес одржаната 35- та седница го донесе деталниот урбанистички план за потегот од Лагадин до Пештани,кој го опфаќа и просторот на кој се наоѓа авто- кампот Елешец. Иако советниците од опозицијата побараа точката да биде повлечена од дневен ред, мнозинството советници позитивно се изјаснаа за предлог- одлуката, од која како што тврди опозицијата, може да прозилезат низа негативни последици и уште една атрактивна туристичка локација да стане руина. 

 

Побаравме повлекување на точката затоа што за просторот на кој се наоѓа автокампот Елешец од 2003 година, се води процес на денационализација, постапка покрената од страна на 13 фамилии од Пештани. Денешното решение е донесено брзоплето. Ние како советници не треба само да гледаме дали планот ги минал сите законски фази, туку да ги согледаме сите аспекти- дали по донесувањето на овој урбанистички план подоцна ќе има проблеми. Доколку судот донесе решние во прилог на жителите,  а во меѓувреме по носењето на ДУП- от одреден инвеститор започне со градба, тоа жителите од Пештани би го обжалиле и би дошло до нов судски процес со што би се стопирала таа постапка и на атрактивното земјиште каде е кампот би  останала руина, изјави советникот Јоне Станковски од ВМРО- НП, кој побара повлекување на точката од дневен ред.

Останатите советници од опозицијата со подршка на ставот на Станковски.

Дегутантно е да се носи план кога земјиштето можеби ќе им се врати на некогашните сопственици, а тоа ќе предизвика проблем сличен како со земјиштето околу хотелот Палас. Со тоа уште едно туристичко место кое треба да е развиено ќе седи зачмаено нареднте децении, поради нерешени односи помеѓу сопствениците на објектот и на земјиштето, смета координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.

За секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески ваквиот став на опозицијата е нејасен.

Постапката за денационализација не ја засега општина Охрид која го работи деталниот урбанистички план без оглед на кого и како се однесува. Не навлегуваме во судските постапки кои се водат, а документацијата е согласно сите законски прописи, рече Спасески.

Денес усвоениот детален урбанистички план за потегот Лагадин- Пештани предвидува изградба на неколку станбени објекти П+1 кои би се користеле во туристички цели.

Т.Кувенџиска