Советниците едногласно ги усвоија предлог одлуките за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 24 ученици во основните училишта во општина Охрид и во средните училишта ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и ОУТУ „Ванчо Питошески“.

При тоа беше изразена загриженост за постојаниот тренд на намалување на бројот на новозапишани ученици, особено во стручните училишта како што се „Ванчо Питошески“ и „Св. Наум Охридски“.

Состојбата во угостителското средно училиште е алармантна, според мојата пресметка годинава споредено со минатата година, запишани се 60 ученици помалку. Сметам дека основните причини поради кои од година во година бројот на ученици кои се запишуваат во училиштата се иселувањето на младите брачни парови од Охрид, и отворањето на стручни училишта во градовите ни земјава,  рече советникот Јоне Станкоски.

Советничката Жаклина Лазаревска потенцира дека не треба да се чека последниот момент за да се решаваат вакви сериозни проблеми во областа на образованието.

Колку е сериозен проблемот можеше да се види уште во првиот уписен рок. Потребна е и поголема ангажираност на директорите кои на крајот на учебната година треба да изготват програми за презентација пред учениците и родителите за материјалот кој се изучува со цел да се привлече интересот на основците, рече Лазаревска.

Од страна на секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески беше потенцирано дека образованието е врвен приоритет за локалната самоуправа и затоа се преземаат мерки за решавање на проблемите со кои се соочуваат охридските училишта.

Во постојана комуникација сме со директорите со цел да се решат проблемите. Изминатите три месеци локалната помогна да се покријат долговите на училиштата и да се подготват објектите за новата учебна година. Серизоно пристапуваме кон решавање и на проблемот со новозапишнаите ученици, рече Спасески.

Советниците едногласно ја подржаа и иницијативата за изготвување на стратегија од страна на менаџментот на училиштата на крајот од секоја школска година за привлекување на што поголем број ученици, за која потоа би се расправало на седница на советот.

На денешната седница на советот беа изгласани и предлог одлуките за   организирање на подрачно училиште во с. Ливоишта во  состав на ОУ „Ванчо Николески“ с. Лескоец, како и предлог одлуката за давање согласност   за формирање групи  во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ Охрид, со помал односно поголем број на деца од законски утврдениот број.

Т.К