Денешната седница на советот на општина Охрид започна со долга расправа околу утврдувањето на дневниот ред. Од советниците од Сојузот за иднината беше побарано двете точки од сферата на урбанизмот кои беа повлечени на минатата седница, повторно да бидат ставени на дневен ред, предлог кој од мнозинството советници не беше усвоен.
– Алиби се бара во тоа дека опозицијата ја напуштила минатата седница. Затоа ние денес поставивме барање да се вратат двете точки за да дискутираме.Ние немаме претходно утврден став по одредена точка, чекаме расправа некој да не убеди зошто треба да се усвојат одредени предлог одлуки и ако сме убедени гласаме за. Опозицијата нема да и даде алиби на позицијата за бегање од одговорност пред граѓаните, изјави координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
Како што истакна советникот Јоне Станкоски двете повлечени точки на минатата седница се однесуваат на атрактивни локации во градот на кои е предвидена изградба на висококатници.
– Сакаме да го видиме новиот концепт на ВМРО-ДПМНЕ во сферата на урбанизмот. Осум години наназад обвинуваа за девастација на Охрид, за урбана мафија, но со предлагањето на овие точки не гледаме ништо друго туку како и претходно што се случуваше во сферата на урбанизмот, рече Станкоски.
Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески со објаснување дека повлекувањето на двете точки од минатата седница по заминувањето на опозицијата, бил сосема оправдан чекор.
– Морален чин беше да се повчечат двата предлот ДУП-ови , а одлуката беше правилна, зато што опозицијата очигледно имаше подготвено сценарио доколку мнозинството ги донесе тие урбанистички решенија. Седниците се закажуваат со целокупниот материјал седум дена пред одржување на седницата и кога тие ќе се постават на дневен ред, одлучуваме ние како предлагачи . Не можеме поради дневно политички игри да го нарушуваме статутот за работа на советот и да поставуваме точки на дневен ред по желба. Двете предлог урбанистички решенија се изработени, добиени се сите потребни мислења и ние како предлагачи ќе утврдиме на која од наредните седници тие ќе бидат ставени на дневен ред, изјави Спасески.
Опозицијата од мнозинството побара одговор зошто кога осум години се зборувало по медиуми, се свикувале прес конференции и се тврдело дека се прави урбанистичка девастација, бетонска инвазија на градот и хаос во урбанизмот, сега од страна на мнозинството истите тие планови се ставаат на дневен ред.
Спасески на тоа со одговор дека како локална самоуправа апсолутно посветено се работи со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните, но тоа пред се да биде во согласност со законската регулатива.
На денешната 13- та по ред седница на советот на општината сите 52 точки беа од сферата на урбанизмот.
Т.Кувенџиска