Со усвојувањето на нацрт фискалната стратегија за 2016 ќе се овоможи реализација на бројни проекти кои се ветени во изборната програма на градоначалникот, вели секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески зборувајќи за нацрт стратегијата за која денес расправаа советниците.
– Од април 2016 започнува последната година од мандатот на градоначалникот Бакрачески, што значи дека следи период кога треба да се финализираат сите ветени проекти, нагласува Спасески.
Според координаторот на советничката група од СДСМ, Јован Стојаноски, останува нејасно со кои средства ќе се реализираат проектите.
– Не е страшно да се исполнуваат барањата на граѓаните, но никаде не е објаснето со кои срества и со која динамика ќе ги извршуваат тие активности. Изминатите два месеци ние остваривме низа консултации со месни одбори и граѓани и како резултат на тоа е сублимирањето на околу 60 предлози за нацрт фискалната стратегија кои се исклучиво барања на граѓани. Да видиме каков слух ќе имаат раководните лица од општина Охрид и дали ќе ги имплементираат овие наши предлози, изјави Стојаноски.
Фискалната стратегија на општина Охрид е интегриран документ со кој општинската администрација и градоначалникот излегуваат пред советниците и низ програми за работа кои се предлагаат пред советот, целта е да се утврдат основните насоки според кои локалната самоуправа ќе работи во 2016. Со носењето на стратегијата отпочнува процесот за носење на буџетот за 2016. По носењето на фискалната стратегија од страна на советот, следи јавна анкета и презентација и истата ќе биде изложена пред граѓаните кои со сопствени идеи можат да учествуваат во конципирањето на програмите по кои ќе работи локалната. По 15 дена се затвораат програмите и во нивна конечна верзија се доставуваат до советот, по што следи и носењето на буџетот за 2016.
На денешната 48- ма седница, беа донесени и предлог одлуките за усвојување на Елаборатот за проценка на штети од врнежите од дожд со поплави настанати на подрачјето на општина Охрид на ден 10- ти октомври, за спроведување на мерки за субвенционирање на трошоци за комуналните услуги, како и за донесување план за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи на општина Охрид.
Т.К.