Советот на општина Охрид, денеска, ќе ја одржи 60- та седница, на која советниците ќе расправаат по 80 точки од сферата на урбанизмот. Поточно се работи за легализација на дивоградби во населени места вон опфат од важечките урбанистички планови.
На седницата, последна во овој состав на советот, се очекува бурна расправа, со оглед на реакциите на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, која смета дека на закажаната седница не треба да се расправа за легализација на бесправно изградените објекти. Ставот на ВМРО ДПМНЕ е дека изгласувањето на предложените точки на само три дена до почетокот на предизборната кампања отвора можности за корупција и е спротивно на изборните закони и ја повикува Локалната самоуправа и Градоначалникот на Охрид да ја одложат седницата закажана на 1-ви март.
ВМРО ДПМНЕ најави дека ќе застане без исклучок зад процесот за легализација на бесправно изградените објекти, во законска процедура и тоа веднаш по официјализирањето на новиот Градоначалник и на новиот состав на Советот на Општина Охрид во месец април.
Локалната самоуправа, пак, ја обвини советничката група на ВМРО ДПМНЕ за непринципиелност. Оттаму потсетуваат дека истата советничка група на минатата седница гласала за легализација на бесправно изградените објекти. Општината најавите на ВМРО ДПМНЕ гиоцени како ситнопартиски игри со кои им се нанесува штета на граѓаните.