Градскиот совет на 60-та седница која требаше да започне утрово, а заврши пред малку вечерва, донесе одлука за легализација на 114  бесправно изградени објекти во општина Охрид.

На седницата која два пати беше одложувана присуствуваа 12 советници. Тие позитивно се изјаснија по сите предлози, освен за одлуката за легализација на бесправно изградени објекти во Градиште, затоа што, за тој имот се уште се води постапка за денационализација.

Претходно, советничката група на ВМРО ДПМНЕ која не учествуваше на продолжението на седницата вечерва, излезе со став дека седницата треба да се одложи, а точките предложени на дневен ред да се усвојат по завршување на изборите.

-Бараме одлагање на оваа седница од причина што деновиве до Локалната самоуправа пристигна известување од Комисијата за спречување на корупцијата дека не смее да се носат вакви одлуки во предизборен период. Инаку нашиот став е дека ќе го поддржиме донесувањето на овие и други вакви точки за легализација во иднина, но во мкоментов не смееме да одиме против известувањето на Антикорупциската комисија, бидејќи тоа е противзаконски.-изјави Борче Стефаноски советник од ВМРО ДПМНЕ.

Претседателот на Советот Душко Јаковчески, од друга страна, смета дека советот со донесување на предложените точки не крши ниту еден закон.

-Согласно законот за спречување на корупција не гледам пречка да се одржи седницата со овие точки на дневен ред, рече Јаковчески.

Тој истакна дека општината и советот сега се помеѓу чеканот и наковалната, бидејќи од една страна се бара од нив да го забрзаат процесот на легализација, а од друга тој се забавува, од што најмногу штета трпат граѓаните.