Над триесетина претставници на електронски, печатени, интернет и регионални медиуми и претставници на Здружението на новинарите на Македонија, Македонскиот институт на медиуми, Новинарскиот синдикат и Здружението на приватни електронски медиуми на Македонија во кое членуваат над 60-тина регионални и локални медиуми одржаа основачко собрание на Советот на етика на медиуми на Македонија (СЕММ), прво саморегулаторно тело на медиумите.
Собранието ги избра членовите и замениците на Управниот и Надзорниот одбор предложени од медиумите и од ЗНМ како претставник на новинарите. Од седум члена, во Управниот одбор како претставници на медиумите се избраа Марина Домазетовска од МПМ како претставник на печатените медиуми, Билјана Трендафилова од МТВ, Ивана Костовска од Телеграф како претставник на интернет медиумите и Сашо Митановски од ЗПММ како претставник на регионални медиуми. По предлог на ЗНМ, Собранието за членови на Управниот одбор ги изгласа Исуф Кадриу од Алсат-М, Катерина Синадиновска од Капитал и Драган Антоновски од интернет порталот Локално.мк.
Собранието исто така ги избра и членовите на Надзорниот одбор на СЕММ во кој тројца членови се од претставници на медиумите и двајца од ЗНМ. Како претставници на медиумите во ова тело се избрани Горан Гаврилов од Канал 77, Соња Маџоска од Утрински и Семи Мемети од Алмакос, додека претставници на новинарите предложени од ЗНМ се Зоран Фиданоски од ТВ Алфа и Александар Димковски од Нова Македонија.
Делегатите ги усвоија Статутот и правилниците за работа на СЕММ. Во наредниот период Управниот одбор со консензус треба да ги избере членовите на Жалбената комисија која во иднина ќе одлучува за жалбите на граѓаните. Комисијата ќе биде составена од седум членови од кои двајца новинари ќе номинираат сопствениците на медиумите, двајца ЗНМ а за изборот на тројцата претставници на јавноста ќе биде објавен јавен оглас.
OhridNews