Мнозинството советници не прифатија на дневен ред да бидат ставени информациите побарани од страна на опозицијата, околу градежните активности на Плаошник, за најавениот проект на индиецот Субрата Рој во Љубаништа и за распишаниот тендер на владата за изградба на аеродром на вода.
Како што објасна секретарот на општината, Димитар Спасески, изготвувањето на ваквите информации е непотребно, со оглед на тоа дека станува збор за проекти кои се реализираат од страна на други институции.
– Јавноста бара проекти и оценува според направените дела. Да им дозволиме на иснтитуциите да ги реализираат проектите, па потоа граѓаните ќе можат да видат што е направено, рече Спасески.
Советот не ги усвои предлог одлуките за усвојување на Годишните сметки и Извештаите за работењетото на јавните претпријатија во 2012, како и предлог одлуките за усвојување на Извештаите за реализација на Програмите за изградба на системи за водоснабдување, за изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води,, изградба на сообраќајна сигнализација, програмата за одржување и заштита на локални патишта, улици и регулирање на режим на сообраќај, за уредување на градежно земјиште, јавно осветлување , локалниот економски развој на општина Охрид, за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид, како и извештајот за реализација на програмата за изработка на урбанистички планови,кои се однесуваа за периодот од почетокот на годината до 31- ви март.
– Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласаше против годишните извештаи на директорите на јавните претпријатија бидејќи, по она што ни беше презентирано од нивна страна видовме дека голема сума пари била непотребно трошена и сите јавни претпријатија имаат долгови кон банки и добавувачи. На оваа седница се гласа и програмата на градоначалникот и кандидатите за советници која им ја ветија на локалните избори. Гласавме и за ребаланс на буџетот, а конечно, и паркинзите ќе се вратат онаму каде што и природно припаѓаат на ЈП „Билјанини Извори“, изјави координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Донев.