Проблемот со дивоградбите во Струга е навистина најголем, и една од препораките сигурно ќе оди во правец дека треба да се најде некој кој ќе управува на терен, не правење на нови планови, нови комисии, рече Андреј Совинц, претставник на Бернската конвенција, одговарајќи на прашање во однос на состојбата во Струга во насока на почитување на препораките и мерките за заштита на регионот.

Струга е дел од ова заштитено подрачје. Ќе пробаме да објасниме дека може да има развој, може да има туризам, само  ќе мораме сите кои се бавиме со оваа проблематика, да вложиме напори подрачјето да опстане како посебно природно и културно наследство. Тие кои гледаат напредок само во смисла на масовниот туризам и градбите, ќе мора да дојдат до некаков компромис зошто вака како што е сега нема да може понатаму, вели Совинц, додавајќи дека во текот на утрешниот ден ќе остварат средба со градоначалникот на Општина Струга.

Потенцираше дека не може некој од локалната заедница да влијае на одлуки кои произлегуваат од меѓународни конвенции кои ги потпишала државата и кои се обврзувачки за неа.

Разлика помеѓу меѓународните конвенции и останатите закони е во тоа што меѓународните конвенции се како закон, не треба да се пренесуваат во националната легисталтива. Во моментот кога Македонија ги потпишала овие три конвенции таа автоматски презела се што произлегува од истите. Не може некој на локално ниво да влијае на национални, па дури и наднационални одлуки. Ова ќе го објансиме уште еднаш утре, додаде Совинц.

Н.С.Ј./Г.М.