Светското првенство во Русија ќе биде збогатено со Лионел Меси и останатите репрезентативци од Аргентина, откако „гаучосите“ го фатија последниот воз за директен пласман, додека од трката во Јужна Америка отпадна Чиле. Пласман директен покрај Аргентина обезбедија Бразил, Уругвај и Колумбија, а преку бараж билет за СП ќе бара Перу.

Аргентинците во последната рунда го совладаа Еквадор со 3-1 и стигнаа до потребната победа која живот им значеше. Сепак, мечот не започна така, откако домаќините поведоа со 1-0. Тогаш, на сцена стапи Лионел Меси кој со три голови го сврте резултатот во полза на својата земја и` и донесе значајна победа. 

„Гаучосите“ голема услуга добија од Бразил кој со 3-0 го совлада составот на Чиле. Селекцијата на Перу ремизираше со Колумбија и го обезбеди потребниот бод за освојување на петтата позиција која води во баражот.

Резултати: Бразил – Чиле 3-0, Еквадор – Аргентина 1-3, Парагвај – Венецуела 0-1, Перу – Колумбија 1-1, Уругвај – Боливија 4-2.

Табела: Бразил 41, Уругвај 31, Аргентина 28, Колумбија 27, Перу 26, Чиле 26, Парагвај 24, Еквадор 20, Боливија 14, Венецуела 12.

OhridNews