Остранувањето на Никола Калиниќ од репрезентативниот строј после судирот со селекторот Златко Далиќ не ја наруши атмосферата во хрватската репрезентација по победата над Нигерија (2-0) на стартот од Мундијалот. Во втората рунда на „коцкастите“ ги очекува вистински тест во буквална смисла на зборот, бидејќи ќе се сретнат со Аргентина предводена од Лионел Меси.

„Гаучосите“ потфрлија во првата рунда ремизирајќи со Исланд 1-1, а трагичар беше токму Меси кој не реализираше удар од белата точка. Хрватите на средбата со медиумите во Русија изгледаа самоуверено иако ќе играат против селекција која се наоѓа во потесниот круг за светската титула.

-Иако Аргентина има добри играчи зависи од Лионел Меси. Тој е магионичар и може да направи голема разлика на теренот. Меѓутоа, ние не се плашиме и ќе играме нормално како и против секој друга селекција. – изјави Матео Ковачиќ.

Соиграчот на Меси од Барселона, Иван Раќитиќ имаше интересна најава на средбата која ќе се одигра во четврток со почеток во 20 часот.

-Не само на Меси на сите во Аргентина им посакувам се најдобро, но после натпреварот со Хрватска. Дуелот со Аргентина ќе биде наш најдобар тест и мислам дека можеме до позитивен резултат. Да не заборавиме дека и аргентинците ќе атакуваат на победата поради ремито во првата рунда со Исланд. – рече Раќитиќ.

Мечевите од втората рунда во Д групата ќе се комплетираат со дуелот помеѓу Исланд и Нигерија кој ќе се одигра во петок со почеток во 14 часот.

OhridNews