Селекцијата на Хрватска направи голем чекор напред кон Светското првенство во Русија победувајќи ја Грција со 4-1 на „Максимир“ во првиот од двата мечеви во баражот.

„Коцкастите“ по само 20 минути ги наместија коцките и постигнаа два погодоци. Резултатот го отвори Лука Модриќ од пенал, а водството го дуплираше Никола Калиниќ.

 

Десеттина минути им беа потребни да се соземат од шокот и да вратат еден од двата голови. Сократис Папастопулос најдобро се снајде во мешаницата и намали на 2-1. Три минути подоцна хрватите го вратија водството од два голови разлика (3-1) со голот на Иван Перишиќ. 

На стартот од второто полувреме грците им поклонија гол на хрватите. Левиот бек на „сините“ ја спушти топката до Вршаљко кој несебично асистираше до Андреј Крамариќ кој непречен од никого погоди за 4-1 и конечна победа. 

Во вториот натпревар вечерва Швајцарија како гостин со минимални 1-0 ја совлада селекцијата на Северна Ирска. Човек на одлука беше Рикардо Родригез кој погоди од белата точка.

Бараж мечевите продолжуваат во петок со дуелот помеѓу Шведска – Италија. Првиот круг завршува во сабота со мечот Данска – Република Ирска.

OhridNews