Селекторот на Германија, Јоаким Лев, откри дека на Марио Геце, во паузата помеѓу двете продолженија, му рекол да излезе на теренот и да покаже дека е подобар од Меси. Геце, го постигна единствениот гол во финалето помеѓу Германија и Аргентина во 113.минута и на својата репрезентација и ја донесе првата титула по пауза од 24 години, вкупно четврта во историјата.

„Му кажав на Марио дека треба да му покаже на светот дека е подобар од Меси и да го реши натпреварот. Тоа му го кажав бидејќи имав добро чувство. Геце е чудо од дете. Тој може да игра на било која позиција. Јас знаев дека тој може да го реши мечот, постигна преубав гол кој ни ја донесе титулата“, рекол Лев.

Јоаким Лев во репрезентацијата на Германија влезе како асистент на Јирген Клинсман во 2004 година, а две години подоцна по завршувањето на СП го наследи Клинсман на функцијата.. Тој вели дека титулата е врвот на оваа генерација која константно напредувала во изминатите десет години.

„Овој проект го започнавме пред десет години и ова е резултат на долгогодишна работа која започна со Клинсман. Во текот на сите овие години константно напредувавме. Ако некој ја заслужува титулата тоа се тогаш овие играчи. Фудбалери какви се Мертезакер, Подолски, Швајнштајгер, Лам, Клосе се тука од самиот почеток. Тимскиот дух е неверојатен, поради тоа ја освоија титулата. Дадоа се од себе, Швајнштајгер ги предводеше, а мислам дека Лам можеше да трча цела вечност. Им кажав пред мечот дека ќе го освојат првенството само доколку дадат многу повеќе од она што го давале претходно кога освојувале титули. Ние сме првата европска селекција која го освоила Мундијалот на почвата на латинска Америка и тоа не прави многу горди. Оваа радост и задоволство ќе остане засекогаш“, рекол Лев.

 

„Макфакс“