Лицемерие и бегање од фактите и аргументите, вака секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески го оценува искажаното на денешната прес конференција на општинската СДСМ на која советниците од оваа партија изјавија дека локалната власт последните години не направила ништо во сферата на образованието. Првата лицемерна поента од прес конференцијата, рече Спасески, е објавената фотографија од училиштето во Трпејца.
– Ако одеа меѓу трпејчани како што тоа го прави градоначалникот Бакрачески и тимот и ако ги прашаа жителите кои се нивните потреби во однос на училиштето, луѓето ќе кажеа дека им треба и понатаму да опстојуваа таа паралелка која има 5 деца и наставник и дека бараат подобрување на условите во едната училница каде децата учат, како и изградба на тоалет . Ова се скромните барања на жителите на Трпејца, кои од страна на градоначалникот и стручните служби беа веднаш реализирани, рече Спасески.
Во однос на вработените во образованието кои треба да се предмет на интерес на законот за трансформација, Спасески потенцира дека за едно лице да биде предмет на интерес на овој закон потребно е претходно некој соодветно да го регулирал неговиот статус во рамки на образовните институции и градинки.
– Откако е во локалната самоуправа градоначалникот Бакрачески, сите вработени на определено време во градинките и училишта имаат регулиран престој и добиваат редовен месечен надоместок. Тоа беше основниот услов за тие да се предмет на интерес на законот за трансформација. Кога СДСМ владееше, тие смислуваа разни проектни активности и ангажираа голем број лица, на кои не им исплатија месечни надоместоци, изјави секретарот Спасески.
Во однос на тоа што секторот за образование нема раководител, Спасески рече дека законот за административни службеници дава прецизни одговори- што се случува со определен сектор кога не е именуван раководител.
– Во секторот работат стручни луѓе кои се грижат да се спроведуваат тековните политики и проекти во рамки на секторот за образвование, а сектретарот е одговорен за секторите каде нема раководител на одделение, вели Спасески.
Тој потенцира дека има голема разлика во начинот на менаџирање и функционирање на образованието додека била СДСМ на власт и сега.
– Во однос на тендерот за превоз на ученици во општина Охрид кој го наследивме. Факт е дека ние наследивме тендер кој за превоз на ученици општината ја чинеше 38 милиони денари. По преземањето на локалната самоуправа и објавување на новиот тендер за ист број ученици и иста цена на нафтата во тој период, општината постигна цена од 23 милиони денари. Каде оделе овие средства, таа разлика од 15 милиони денари? Дали за партиски активности или за услуги од превозниците за партиски цели, праша Спасески.
Тој додаде и дека за разлика од времето кога секторот за образование имал раководител, сега преку објавените тендери за набавка на нафта во основните и средни училишта, се заштедува над 250.000 евра.
Т.К.