Вработени во градинките да не се грижат околу најавеното лиценцирање на стручните лица и директори на установите за деца вклучени во системот на згрижување, воспитание и образование на децата од предучилишна возраст, порачува министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
– Лиценцирањето за вработените воспитувачки и негувателки ќе биде бесплатно, односно тие нема да плаќаат за издавање лиценца. Барав да се врши и регионално полагање на испитите, така да полагањето за добивање лиценца ќе се спроведува и во Охрид со цел вработените да не се подложуваат на трошоци и да треба да плаќаат за да патуваат во Скопје за да го полгааат испитот, изјави министерот при својата посета во Охрид.
Тој информира дека формирана е посебна комисија која ја изработува програмата која е опфатна и при чија изработка е користена обемна литература, од која се очекува да произлезат едноставни прашања и брошура која ќе им помогне на вработените во градинките полесно да го совладаат материјалот врз кој ќе се проверуваат стручните знаења.
Директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Розе Костоска е уверена дека проверката на стручното знаење и лиценцирањето нема да биде голем товар за вработените во установата.
– Нема простор за паника, станува збор за искусни луѓе кои веќе работаат со деца, ја познаваат воспитно образовната работа, ја познаваат теоријата со оглед на тоа дека имаат соодветно образование така да нема потреба да се плашат од прашањата, вели директорката Костоска.
Со новиот закон за заштита на децата кој што започна да се применува кон крајот на февруари 2013 година, за прв пат се воспостави системот на лиценцирање на стручните лица и на директорите на установите за деца вклучени во системот на згрижување, воспитание и образование на децата од предучилишна возраст. Основна цел на лиценцирањето, како што велат од надлежното министерство, е да се развива компетентноста на стручните лица во давањето на услуги во системот на заштитата на децата, со што ќе се придонесе за осовременување на знаењата, вештините и ставовите, како и за ефективно и ефикасно реализирање на заштитата и образованието на децата.
Процесот на лиценцирање ќе се реализира во сесии и по региони согласно со бројот на пријавени кандидати. Постојниот вработен кадар во установите за деца -детските градинки може да се стекне со лиценца во рок од една година од формирањето на комисијата, односно до 31.7.2014 година.
Пријавување за проверка на стручните знаења за добивање на лиценца за кадарот во детските градинки во Охрид ќе започне идниот месец, во ноември 2013 година.
Т.К.