Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Охрид е мирна, стабилна без никакви индикации за нарушување и има исклучително поволни резултати во овие пет месеци од 2022 година што покажува дека доброто стратешко поставување на МВР и посебно постапувањето на СВР во Охрид по сите овие стратешки правци ги дава посакуваните резултати, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој заедно со дел од раководниот тим на МВР при денешната посета на Охрид оствари работна средба со раководството на СВР Охрид, како и работна средба со раководството на Регионалниот центар за гранични работи Запад.

Споредбено со минатата година за првите пет месеци имаме намален број на кривични дела коишто се на подрачјето на СВР Охрид и имаме зголемување на ефикасноста, односно откривачката дејност на полицијата и тоа за повеќе од 10 проценти споредбено со истиот период од минатата година. Ова говори за еден проактивен пристап во делот на безбедносната состојба на подрачјето на СВР Охрид. Исто така и во делот на сообраќајот за овие пет месеци се бележи тренд на намалување на сообраќајните незгоди и воопшто на сообраќајните незгоди со последица смрт или тешки телесни повреди или поголеми материјални штети. Тоа покажува дека и превентивните акции коишто ги преземаме на ниво на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност даваат ефекти, меѓутоа и делот на репресијата кој што е неминовен во однос на сите оние учесници во сообраќајот коишто не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Ова е многу важно пред почетокот и на оваа туристичка сезона, рече Спасовски.

Потенцираше дека на денешната средба било разговарано и за подготовките во однос на туристичката сезона бидејќи ќе се зголемува фреквенцијата, ќе расте бројот на настани коишто се одржуваат и во Охрид и во Струга.

Токму заради ќе имаме и поинаква поставеност и на ниво на МВР и на ниво на СВР во Охрид. Апелирам до граѓаните пред се да се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи како сите заедно би помогнале во поголема безбедност во сообраќајот. Апелирам на соработка со македонската полиција, бидејќи партнерството покажа и докажа дека дава резултати ако сите заедно и граѓаните и македонската полиција работат на подигањето на свесноста на нивото на безбедноста, додаде Спасовски.

Н.С.Ј.