Нема никаква потреба од какво било организирање на граѓаните за блокади на патиштата или ноќни стражи на денот на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, затоа што тука се институциите на системот, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повикот на социјалните мрежи упатен до граѓаните на 4 февруари да ја блокираат патарината Куманово – Скопје.

Апелирам до сите на едно мирно, достоинствено чествување, а државата, МВР и безбедносните служби се тука да направат се и да обезбедат мирни услови, потенцира Спасовски.

Министерот рече дека имаат секојдневни активности МВР и агенциите и дека се формира посебен штаб за оваа активност. Спасовски е уверен дека нема да биде многу голем бројот на оние кои се организираат и сакаат да дојдат, бидејќи, како што посочи, граѓаните не се расположени за конфликти, сакаат стабилизација и напредок.

Апсолутно нема да дозволам како МВР понижување на македонскиот народ и држава, најмалку да не понижи некој кој доаѓа од надвор. Ние сме народ кој е гостопримлив, кој знае да укаже чест и почит, но таа чест и почит мора да ни биде возвратена. Нема да дозволиме дома некој да ни дојде за да не понижува. Во тој дел институциите работат и прибираат информации, нагласи Спасовски во емисијата „Утрински печат“.

За тоа дали европратеникот Ангел Џамбаски ќе биде прогласен за персона нон грата, Спасовски рече дека ќе ја носат одлуката кога ќе дојде време за тоа.

Одлуките не се прејудицираат, посебно во делот на безбедноста. Не може да ги кажете плановите и да излезе во јавност и така да се отвориме пред сите. Тоа можат да го прават неодговорни политичари. Институциите ќе работат сериозно врз основа на сите сознанија, ќе бидат вклучени сите сектори задолжени во овој дел за на крајот да ја постигнеме целта, а тоа да биде со мир, стабилност и безбедност за нашите граѓани и држава, рече Спасовски.

OhridNews