Владата поништи 89 решенија за вработување во МВР потпишани од техничкиот министер Чулев бидејќи се спротивни на законот, изјави денеска во Охрид техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Решенијата се поништени врз основа на Законот за Влада. Таму децидно е предвидено дека секој еден министер којшто ќе донесе незаконски решенија, Владата е таа која треба да ги поништи и да ги почитува уставноста и законитоста. За што се работи. Законот за Влада предвидува точно дека министерот за внатрешни во овој период може да разреши, односно да промени точно 15 раководни службеници. Од тие 15, министерот за внатрешни работи Чулев промени 14 до сега, меѓутоа со поништените осумдесеттина решенија, исто така, се извршени промени на началнички или раководни места. Тоа е спротивно на Законот на Влада, кој предвидува право на хоризонтални прераспределувања, меѓутоа не и промена на раководни структури. – рече Спасовски.
Техничкиот премиер кој претходно ја вршеше функцијата министер за внатрешни работи, упати апел да се почитува одлуката на Владата затоа што, како што рече, „непочитувањето на одлуката и свесно кршење на законот влегува во една друга процедура“.
Тука треба да водат сметка сите и министерот и раководните структури внатре во министерството и оние коишто ги имаат овие незаконски решенија да се почитува одлуката на Владата, да се вратат на позициите кои ги извршувале претходно, затоа што секој еден, вклучително и техничките министри во Владата, треба да знаат дека може да имаат права онолку колку што им дозволува законот. – додаде Спасовски.
Чулев: Одлуката на Владата може да предизвика проблеми во функционирањето на МВР
Техничкиот министер за внатрешни работи, во изјава за медиумите по посетата на СВР Охрид, претходно попладнево, истакна дека одлуката на Владата за неприфаќање на 89 решенија за вработување во МВР, не само што е противуставна и противзаконска, туку во услови на предизборие негативно може да се одрази врз севкупната безбедносна ситуација во земјата. Одбивањето на решенијата само создава конфузија во редовите на службата, која сама по себе подразбира строга хиерархија, така што систем на двојно командување без точно одредена хиерархиска одговорност само по себе предизвикува проблеми во функционирањето, рече тој.
Според мене, а верувам ќе се сложат и експертите од правниот факултет, одлуката на Владата е незаконска и спротивна на Уставот. Неприкосновено право на министерот е да донесува решенија, да врши прераспоредување, конкретно министерот раководи со Министерството. Владата не може колективно да укинува поединечни правни акти, во случајот решенија. До сите организациски единици на МВР испратив телеграма во која укажувам вработените да продолжат да ги извршуваат зададените задачи, да го почитуваат принципот на хиерархија и принципот на законитост. – истакна Чулев.
Чулев направи споредба со 488 решенија на Оливер Спасовски во време кога тој ја извршуваше функцијата технички министер за внатрешни работи. – Моите 89 решенија се целосно во согласност со законот и во оние 10% што ми ги дозволува функцијата, додаде тој.
Спасовски ќе разговара со Мизрахи за таблата во Министерството за труд и социјала
Во врска со потегот на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, која ја употребува старата табла во институцијата со името Република Македонија, што предизвика дипломатска реакција од Грција дека се крши Преспанскиот договор, претседателот на техничката Влада Спасовски најави дека ќе разговара со неа.
Планирам да поразговарам со министерката околу тоа дека се нанесува ненадоместлива штета на евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија, затоа што почитувањето на Уставот не е желба на било кого. Можете да имате различни ставови по одредени прашања и тие ставови да ги искажувате во било кој момент до носењето на одлуки, меѓутоа вие имате Устав и за почитувањето на Устав не се води дебата. Јас сакам да поразговараме и да ги согледаме сите факти и доколку не наидам на разбирање и доколку не видам кај било кој министер дека државните интереси, националните интереси, интересите за остварување на нашите стратешки цели, членството во НАТО и ЕУ не се во прв план, туку партиските интереси, секако ќе преземам и други мерки. – изјави Спасовски.
Г.М.