Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска присуствуваа на литија во Охрид и на традиционалното положување на светиот крст во Охридското Езеро, по повод одбележување на христијанскиот празник Богојавление – Водици.

Министерот Спасовски упати честитка во која го честита големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Утрово, во убавиот Охрид – македонскиот Ерусалим, заедно со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и илјадници македонски верници, присуствував на литија во чест на празникот Богојавление – Водици, на традиционалното фрлање на светиот крст во водите на Охридското Езеро. Дозволете во свое и во име на МВР да ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици, со срдечни желби за здравје и духовен спокој, стои во честитката.

Според Спасовски, сведоштвото за Христовото крштевање го означува почетокот на обновата, на спасоносната вера, почетокот на сѐ, преку прочистување или ослободување од гревот.

Кога Јован Крстител го крштевал Христа во водите на Јордан се покажала и Христовата мисија како пат на спасението на човештвото. Сведоштвото за духовното раѓање нека донесе единство – eдинствo на умoт, срцeтo и вoлјата, а Богојавленскиот водосвет нека благослови со здравје, љубов, мир и хармонија, се вели во честитката од министерот Спасовски.

OhridNews