Република Македонија започна сериозни реформи во работата на нациналната администрација, пред се во безбедносниот сектор, изјави министерот за внатрешни работи,  Оливер Спасовски кој учествува на Конференција на министри на земјите кои се дел од процесот Брдо.

– Реформите во безбедносниот сектор се особено важни за подигнување на едно здраво општество, општество кое ќе биде ослободено од криминалните дејствија и корупцијата, општество во кое граѓаните ќе се чувствуваат слободни и ќе може да ги остваруваат своите основни слободи и права. Токму такво општество е Европската Унија, кон која сите ние земјите од Западен Балкан се стремиме, изјави министерот Спасовски.
 
Тој додаде дека механизмот на интегрирано управување со внатрешната безбедност ја обезбедува токму потребната синергија меѓу различните регионални иницијативи, осигурувајќи одржливост, регионална сопственост и еден сеопфатен пристап во постапувањето на сите национални администрации, но и на сите регионални рамки и постоечки инструменти и утврдени алатки.

– Притоа, уште една додадена вредност во ваквиот начин на управување со внатрешната безбедност е навремената, сигурна и неопходна потреба од искористување на надворешната помош од земјите-членки на ЕУ–област која повеќето земји од Западен Балкан недоволно ја користат, рече министерот.

Потенцира дека Министерството за внатрешни работи на Република Македонија изразува апсолутна поддршка на натамошниот развој на Интегрираното управување со внатрешна безбедност.

Ohridnews