Фудбалерите на Интер ја потврдија доминација во Милано совладувајќи го градскиот ривал Милан (3-2) во спектакуларното дерби на Сан Сиро во 28-та рунда од Серија А. „Нероазурите“ комплетираа две победи над „росонерите“, бидејќи во првата пресметка славеа со 1-0.

Големите возбудувања и петте погодоци во дербито ги најави Матијас Весино кој за 1-0 погоди во 3-та минута. Во 51-та минута Стефан де Вриј го дуплираше водството за Интер. Шест минути подоцна Тимуе Бакајоко ја врати неизвесноста намалувајќи на 2-1. Во 67-та минута Лаутаро Мартинез со гол од пенал донесе нова предност за Интер 3-1. Милан за само четири минути повторно намали на еден гол разлика преку Матео Мусакио. Одбраната на Интер со пожртвувана игра и мала доза на несреќа го задржа минималното водство и го освои целиот плен на дербито.

Со триумфот и трите бодови Интер го прескокна Милан на табелата. „Нероазурите“ со 53 бодови се третопласирани, додека миланезите со 51 бодови се четвртопласирани. Петтото место е резервирано за Рома која има четири бодови помалку во однос на Милан.

OhridNews