Специјалисти и субспецијалисти од 1 септември годинава, ќе вршат прегледи во сите други градови низ Македонија, покрај Скопје, во рамки на проектот Дисперзирана клиника, пренесува „Макфакс“.

Како што соопшти министерот за здравство, НИкола Тодоров, проектот има за цел и да обезбеди размена на искуства и истовремена едукација за воведување на нови методи и интервенции како и работа со новата медицинска опрема.

„Во рамките на овој проект ќе бидат ангажирани професори, односно доктори субспецијалисти и доктори специјалисти со 10 и над 10 години работен стаж, кои искажуваат интерес за работа во останатите градови. Ангажираните доктори ќе добиваат соодветен дневен надомест, а нивната работа ќе се вреднува согласно системот за плаќање по учинок. Исто така, ќе биде креиран термин за закажување преглед кај овие клинички доктори, согласно жМој термин.ж Пациентите ќе можат навремено да си закажат термин и да бидат прегледани од еминентни доктори од соодветната област од терциерно ниво“, рече министерот.

Заинтересираните лекари за овој проект ќе може да аплицираат најдоцна до среда, а оние лекари кои не се во можност во моментов да аплицираат ќе можат да се обратат до Министерството за здравство и во следниот период.

Според Тодоров, голем број лекари покажале интерес за учество во овој проект, а нема да има ограничувања во однос на бројот на специјалисти и субспецијалисти кои ќе може да учествуваат.

Проектот треба да биде континуиран и повеќегодишен, а се очекува неколку кратен бенефит, затоа што граѓаните нема да мораат да патуваат за да ја добијат здравствената услуга на Клиничкиот центар во Скопје, а исто така ќе се обезбеди и сериозен трансфер на знаења.

Специјалистите и субспецијалистите ќе присуствуваат најмногу два пати месечно во другите општини, а во проектот ќе бидат опфатени клиничките болници во Битола, Тетово и Штип, но и општите болници во Велес, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Струга, Струмица и други.

Лекарите ќе вршат прегледи од областа на анестезиологија и реанимација, гинеколошко-акушерски, интерна медицина, инфектологија, максилофацијална хирургија, неврологија, неврохирургија, нуклеарна медицина, општа хирургија, ортопедија, оториноларингологија, офталмологија, патолошка анатомија, педијатрија, пнеумофтизиологија, радиодијагностика, радиотерапија и онкологија, ургентна медицина, урологија, физикална медицина и рехабилитација и други.

OhridNews
извор:„Макфакс“