Жестока битка за градоначалничката функција се води и во општина Струга, каде изборниот мир го обезбедуваат специјални полисиски сили.
Кандидатот за градоначалник на Струга од ПЕИ, Фијат Цаноски, изнесе сериозни обвинувања кон противкандидатот од ДУИ, Рамиз Мерко, кој, како што рече, користи методи на застрашување кон неговото семејствово и најблиските соработници.
–Мојата фамилија, дури и ќерками која што е бремена, е пратена со две коли од активисти на Рамиз Мерко, не сакам да ја мешам ДУИ, значи директно од кандидатот. Јас сум стално пратен со коли, цела моја фамилија, моите внуци стално се пратени и раководството на партијата се прати, обвини Фијат Цаноски.
Кандидатот на ПЕИ рече дека тоа се правело за тој да се откаже од изборната трка за градоначалник, што, како што кажа, нема намера да го направи.
–Одлуката кој ќе биде градоначалник на Струга ќе ја донесат граѓаните на избори, а не некоја група, додаде Цаноски. Тој информираше дека за притисоците кои ги наведе на средбата со новинарите, го запознал МВР, кое испратило специјалци во Струга, кои треба да обезбедат мирна изборна атмосфера.
Актуелниот градоначалник на Струга, во изјава за „Оhridnews“, ги отфрли обвинувањата на противкандидатот од ПЕИ.
-Тоа се лаги кои се производ на паниката која што го има зафатено Цаноски бидејќи ги губи изборите. Затоа тој користи секакви методи, а потврда за тоа е и присуството на специјалните полициски сили во Струга, изјави Рамиз Мерко.

Тој тврди дека специјалците во Струга дошле по ноеснованите поплаки на Цаноски, што според него претствува голем срам и понижување за стружани.
–Тоа ќе се одрази на имиџот на Струга како туристички град и ќе ги избрка инвеститорите од нашата општина, но јас ќе ја поправам таа слика и повторно ќе донесам и туристи и инвеститори како што тоа го правев и во изминатите четири години, рече Мерко.
Иако се во вербална војна, Цаноски и Мерко, се исклучително внимателни кон останатите политички ривали, кои отпаднаа во првиот изборен круг. Иако засега се обидуваат да покажат крајна воздржаност во изјавите и двајцата се надеваат на седумте илјади гласови што на локалните избори ги освои кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ, Славко Котески, кои можат да го одлучат победникот на изборите во Струга.

Котески вели дека засега огранокот во Струга не добил никакви насоки од центраното раководство кому да му биде дадена поддршката во вториот круг, но стави јасно до знаење дека тоа нема да биде бланко поддршка.
–До овој момент немаме став од централата кого би го поддржале. И едниот и другиот на државно ниво се во коалиција со ВМРО ДПМНЕ, меѓутоа ние како огранок ќе се трудиме да го поддржиме оној кандидат за градоначалник кој ќе го респектира нашиот број на гласови освоен на овие избори и оној кој што ќе му даде соодветно место на ВМРО ДПМНЕ на политичката сцена во Струга, рече Котески.
Лидерот на ВМРОД ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера во Охрид најави дека партијата наскоро ќе донесе одлука кому ќе му ги даде гласовите во вториот круг од изборите во Струга.











