Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска (9 август 2025 година) ги распиша локалните избори, што ќе се одржат на 19 октомври .

Претседателот Гаши го потпиша Решението за распишување на осмите локални согласно член 12 став 4 од Изборниот законик, почитувајќи го рокот од 70 до 90 дена од распишување до одржување на изборите.

Изборите не се прост технички процес, туку се суштината на нашата демократија. Тие претставуваат реална можност граѓаните да изберат водачи кои одразуваат одговорност, визија и посветеност кон јавниот интерес. Така, 19 октомври 2025 година претставува важен момент за зајакнување на демократијата, подобрување на благосостојбата на граѓаните и за градење на подобра иднина за сите, истакна во соопштението за јавност претседателот на Собранието Гаши.

Тој упати повик до сите политички сили, кандидати и соодветни структури да покажат висок степен на политичка култура.

Очекувам овој процес да биде доказ за нашата демократска зрелост, каде се почитуваат, правилата, преовладува достоинството и се одразува слободната волја на граѓаните, а не резултат на притисоци или на манипулации. На овие избори неопходно е да ги покажеме европските вредности и стандарди за да ја одразиме нашата непоколеблива посветеност кон интеграцијата, истакна Гаши.

Со распишувањето на изборите, почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, согласно Изборниот законик и според календарот што треба да го донесе Државната изборна комисија.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, согласно член 16 став 1 од Изборниот законик. Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.

Г.М.