Охридскиот бизнисмен и акционер во АД „Трудбеник“, Ацо Спироски, обвинува дека со корупција, и низа незаконски постапки одземен е простор во сопственост на фирмата од околу 20.000 метри квадратни.

Според неговото кажување, првата незаконска постапка со која се извршило незаконско оттуѓување на имотот се случила во 2011 година кога од страна на министерството за транспорт и врски, преку јавен повик и наддавање имотот и бил продаден на туристичката агенција Фибула Ер Травел Скопје.

  • Во време кога „Трудбеник“ имаше корисничко право на имотот, ги поседуваше објектите купени на македонската берза и имаше одобрение за градба, во една незаконска постапка помеѓу министерството за траснпорт и врски и Фибула Ер Травел, во „четири очи“ преку таканаречено јавно наддавање оттуѓено е земјиштето и тоа во период пред избори. Јавен повик во четири очи, на тајна локација без никакви објава, без присуство на јавност, со наводно електронско јавно наддавање е оттуѓено земјиштето и како најповолен купувач била Фибула Травел која купила две локации од околу 20.000 метри квадратни по само едно евро, имот чија пазарна вредност е најмалку 4 милиони евра затоа што станува збор за атрактивна локација на крајбрежието на Охридското езеро, вели Спироски.

Додава дека втората незаконска постапка била извршена по три години од страна на локалната самоуправа.

  • Општина Охрид, иако немала надлежност, склучила договор со Фибула Ер Травел за откуп на градежното земјиште, односно договор за купопродажба кој е сосема незаконски. Општината немала право да го враќа земјиштето назад, односно склучила законски ништовни договори. Иако Фибула Травел требала за пет години да изгради објект и по тој ништовен договор, немало никакво постапување. Случен е фалсификат со кој Фибула Травел доби имотен лист и врз него влечи права и добива судски постапки за објектите на „Трудбеник“ да се рушат и се уништи локацијата, а судот тоа им го дозволува, вели Спироски.

Од страна на АД „Трудбеник“ и Спироски поведени се низа судски постпаки за поништување на договорите, а постапки за раскинување се поднесени и од страна на локалната самоуправа.

Спироски бара локалната самоуправа веднаш да реагира и го спречи преземањето на владението со имотот, со оглед и на најавите дека во понеделник ќе се изврши влегување во локацијата, со што според Спироски, ќе се направи штета врз нивните објекти од околу 1 милион и 700.000 евра.

За случајот известена е Антикорупциската комисија, како и неколку странски амбасади.

Т.К.