Селско домаќинство сместено на три километри од Охрид, во село Рамне каде се нуди несекојдневна приказна. Четиричленото семејство Неданоски велат во „Пирустија Неданоски“ гостите можат да доживеат еден сосема поинаков, интерсен и комплетно исполнет ден на село.

Повеќе од десет годинија семејството ја одржува семејната стара камена куќа која е реставрирана зачувувајќи го автентичниот изглед. Осум години се занимаваат со мини сточарство, т.е. за нивни потреби чуваат и размножуваат животни и птици во нивната мала фарма, а идејата велат се родила од можноста нивните деца да јадат здрава и свежа храна произведена во селски, еколошки услови. Од неодамна додаваат вклучиле и земјоделство во нивните активности, одгледувајќи зеленчукови насади.

Спонтано започнавме и со подготвување на традиционална храна- конкретно месени јадења од брашно, како што се пита, преснец, кошмишпите, ѓомлезе и омилениот комат. Спецификата е во тоа што храната се пече под сач (вршник) на пирустија, од каде што доаѓа и нашето име. Целиот концепт на работа со групи посетители се состои во тоа гостите да доживеат еден исполнет ден на село. Тие не се пасивни порачувачи и консументи на храна, туку се активни посетители кои можат да се вклучат во целиот процес. Ги пречекуваме со домашно слатко од нашите овошни насади и изворска чиста испитана ладна вода, вели Наташа Неданоска.

Подготовката на коматот и целата негова изработка се случува пред очи нa посетителите, од сеење на брашното, сецкање на зеленчукот, збирање јајца од кокошарниците, месење на тестото, сучење и на крај процесот на печење. Додека коматот се пече, гостите можат да уживаат во сезонска салата, зеленчукови пасти, потпечени зеленчуци и печурки со домашен сос, сирење, ореви и домашна ракија, а со комадот се послужува и домашно кисело млеко. На крај следува домашно приготвен десерт, чаша домашно вино и шолја кафе.

Различноста и посебноста на оваа понуда е што гостите се опуштени, имаат слобода на движење, ги посетуваат животните во фармата, смеат да ги нахранат или погалат, имаат можност да соберат плодови од бавчичката или да се вклучат во некој од процесите на изработка на храната. Во Пирустија доаѓаат фамилии со деца на кои повеќе од корисни им се безгрижноста и несекојдневните доживувања. Надвор од градската гужва, со поглед на езеро. Гостите уживаат во приватноста зашто тој ден кој си го закупуваат е токму само за нив, додава Неданоска.

Слоган на куќата „Учиме да сучиме“ доаѓа оттаму што гостите имаат слобода да се вклучат во процесот на изработка на храната. Некои сакаат да сечат зеленчук, некои да пробаат да замесат тесто, некои да соберат зеленчук во бавчата, некои само да го издробат сирењето или да скршат јајце во филот, вели Неданоска.

Но, најчесто, гостите сакаат да пробаат да сучат. Оттука излезе и слоганот, зашто секој оној кој ќе изрази желба да научи да работи со сукалото, да го тенчи тестото под своите прсти и со љубов да се посвети за да ја почувствува радоста од тоа, ние ќе му го овозможиме, додава.

Особено, вели, ми се драги гостите од Македонија кои имаат интерес за старинските рецепти, а уште повеќе за старинските методи и процеси на изработка на специјалитетите.  За себе ќе рече дека желбата да сучи се родила од мали нозе, а веќе на 10 години го направила и првиот комат.

Самиот мирис на тазе испечен комат кој го зближува целото семејство на маса како никое друго јадење е посебна филозофија. Тоа е такаречено фестивал, заслужено наградување. Предизвикот кој си го поставив, сите градски рецепти за тесто на мајка ми и баба ми да ги доусовршам и да ги прилагодам на селски услови за печење на пирустија под сач, пополека целосно го исполнувам, вели Неданоска.

Како семејство потенцира ја негуваат љубовта кон природата, а чувствуваат благодарност што дејствуваат во атарот на Национален парк Галичица и со почит се однесуваат кон планината.

Собирајќи трески ги чистиме планинските велосипедски патеки, збираме печурки и чај, смреки и дренки, диви јагоди и малини, при тоа внимавајќи на нивното опстојување, додава Неданоска.

Ако за мене направам успешни кулинарски приказни, јас ќе пренесам дел од мојата животна приказна на моите најмили, на гостите, на сите кои ќе сакаат да ја примат таа љубов и енергија и исполнето да си одат, до следното видување, ја завршува приказната Неданоска.

Н.С.Ј.