Граѓаните на Охрид ја поддржуваат иницијативата за изградба на споменик на Св. Наум Охридски Чудотворец во центарот на градот, но сметаат дека реализацијата на идејата треба да и се препушти на стручната јавност.
На ова укажуваат и резултатите од анкеттата што ја спроведе „Ohridnews“. На прашањето: „Што мислите за идејата за изградба на споменик на Св. Наум во центарот на Охрид?“ – 45% од анкетираните одговориле дека идејата е добра и треба да се реализира. Но, голем дел од читателите – 28% се на мислење дека споменикот на светителот треба да се подигне во манастирскиот комплекс Св. Наум, 13 отсто сметаат дека треба да се распише конкурс за осмислување на центарот на Охрид, а 11% дека за иницијативата треба да одлучува стручната јавност, а не политичарите. Три отсто од анкетираните сметаат дека за идејата треба да се консултира Македонската православна црква. Во анкетата беа вклучени 1630 испитаници.

Според предлагачите со поставувањето на споменикот на Свети Наум, Охрид и Македонија ќе му се оддолжат на големиот светец и просветител и ќе се заокружи духовниот триаголник во центарот на градот каде веќе се поставени споменици на Светите браќа Кирил и Методиј и на Св. Климент.
Св Наум заедно со Св. Климент Охридски се ученици на славните светители Кирил и Методиј. По завршувањето на Моравската мисија Св. Наум и Св. Климент својата благородна мисија на ширење на словенската писменост и култура ја продолжиле во областа Кутмичевица на брегот на Охридското Езеро. Тие се основоположници на охридската книжевна школа.

Свети Наум се упокоил во 910 година. Неговиот гроб се наоѓа во внатрешноста на манастирот. Се верува дека поклонувањето на неговиот гроб носи здравје, душевен мир и спокој.











