Општина Охрид денеска го објави Конкурсот за изградба на споменик на Св. Наум Охридски – Чудотвореец, кој ќе трае 52 дена.
– Донесена е одлука за распишување на Конкурс за идејно решение за изградба на споменик на Св. Наум Охридски Чудотворец, кој ќе биде отворен до 7ми јули 2010 година до 13 часот. За првонаграденото дело се предвидени 250 000 денари, за втoронаграденото 120.000, за третонаграденото 80 000 денари, ќе има и два откупа на трудови во вредност од 60 000 денари, а исто така предвиден е и фонд за обесштетување во висина од 100 000 денари, истакна Јоне Станкоски, претседател на Одборот за изградба на споменик на Св. Наум Охридски.
Првонаградениот труд ќе биде избран за идејно решение според кое ќе се изработи споменикот на Св. Наум. Тој ќе биде висок 5 метри, излеан во бронза, ќе биде поставен на постамент висок 1метар во паркот наспроти Рибниот ресторан и ќе гледа кон манастирот Св. Наум.
местото каде ќе биде поставен споменикот
– Обезбедени се средства од страна на Министерството за култура во висина од 7 милиони денари, а вкупната вредност на проектот се проценува на 15 милиони денари. Остатокот од потребните средства ќе биде обезбеден од локалната самоуправа и донатори, за што веќе има заинтересирани, рече Станкоски.
Тој потенцираше дека идејата за изградба на споменик на Св, Наум е дамнешна заложба на академик Цветан Грозданов уште кога е поставен споменикот на Св. Кирил и Методиј, и искажа благодарност на пратениците Цветко Грозданов и Александар Николоски што истата ја поддржаа и реафирмираа и што преку Владата ја помагаат реализиацијата на проектот.
– Со реализацијата на овој проект се заокружува дамнешната идеја на академик Цветан Грозданов во центарот на Охрид да се постави споменик на Свети Наум Охридски Чудотворец, и заедно со веќе поставените споменици на Светите Кирил и Методиј и на Св. Климент Охридски, ќе се формира духовен триаголник, додаде Станкоски.
Наскоро споменик и на Св. Наум во центарот на Охрид