Поради големиот број сопствени проблеми, големите сили се незаинтересирани за решавањето на спорот за името како и проширувањето на НАТО и ЕУ кои засега не се во врвот на нивните приоритети, изјави премиерот Никола Груевски во интервју за „Дневник“.

Груевски вели дека не е песимизам, туку реално гледање на работите кога станува збор за слабите шанси на Македонија за прием во НАТО на Самитот во мај во Чикаго, како и за решавање на проблемот со Грција во меѓупериодот до неговото одржување.

– Според тоа како изгледа ситуацијата со Грција, речиси и да нема теоретска шанса за тоа. Затоа што Грција ниту сака ниту може сега да го решава, дури и кога би сакала, а не сака, вели македонскиот премиер.

Причините за тоа, посочува Груевски, покрај кризата во Грција, се привремената влада, нараснатиот национализам, но и тоа што во владата е и Андонис Самарас, и тоа токму преку претставник на МНР. Самарас, според истражувањата на јавното мислење убедливо води и огромна е шансата да биде следен премиер, а добро се познати неговите јасно искажани ставови од почетокот на овој спор, во кој тој беше еден од главните креатори, па така е се до денес, вели Груевски.

За непроменетиот став на официјална Атина околу името односно ерга омнес со географска одредница, нагласува дека таа позиција секогаш се користела кога не се сакало да се реши прашањето.

OhridNews