Поднесениот Извештај на македонската и албанската Влада до УНЕСКО околу заштитата на културното и природното наследство на Охридскиот регион не соодветствува со реалната состојба на терен, истакнаа претставници од седумнаесет невладини организации на прес конференција што се одржа денеска.
Аријан Мероли од Мрежата на невладините организации од Албанија и Македонија за Охридскиот регион, вели пред месец дена албанската и македонската Влада до УНЕСКО го пратиле Планот за ревитализација на Охридското Езеро, неопходен да се задржи статусот. За жал, и последниот документ кој го пуштија двете влади за сливот на Охридското Езеро не кажува конкретно како ќе се решат сите проблеми и кои се најдобрите решенија, вели Мероли.
Во Извештајот во 2022/23 година се наведува дека само четири од препораките се решени, додека за другите во тек е решавањето. Не кажува точно колку од овие препораки се во процес да ги реши или македонската или албанската Влада. Планот требаше да каже со анализа како ќе се решат забележките по овие препораки. Има разлика помеѓу документот од УНЕСКО, документот на Владата и реалноста. Проблем е фактот што ние не знаеме што пишува во Планот, никој немавме пристап да кажеме како може да се решат проблемите. Сега требаше да почнеме со имплеметација на Планот за ревитализација на Охридското Езеро. Дали овој План е во некаков процес? Во документот пратен до УНЕСКО во 2022 година се кажува дека планот како финален драфт требаше да заврши во јули 2022 година и шест месеци е времето за дискусија со сите релевантни актери. Но, дали имало вклучување на истите? Во документот што го пушти македонската Влада на крајот пишува дека истиот треба да се презентира на веб страната на УНЕСКО без анексите кои всушност го содржат Планот. Ние пративме и писмо до македонската и албанската Влада за да знаеме што е Планот и што истиот содржи, но никој не ни одговори. Како можеме да имплементираме План кој не знаеме што содржи, дали е реален и дали ги има сите проблематики што ги имаа пуштено од УНЕСКО преку препораките? Ова не е некој процес што нависнита гарантира дека можеме да го заштитиме Охридското Езеро како вредност заштитена од УНЕСКО, потенцира Мероли.
Додава дека албанската страна има иницијатива за решавање на два од проблемите – со отпадот и почнува процесот за отстранување на јаловината.
Кај македонската страна, најголем напредок има во проектот за пренасочување на Сатеска во старото речно корито. Меѓутоа, за другите проблеми, досега не е сторено ништо. Проблем е што ние немаме пристап до Планот за ревитализација, за кој се посочува дека е изготвен, а ниту НП „Галичица“, Хидробиолошкиот институт, „Проаква“, општините Охрид, Струга и Дебрца, никој од нив нема информација што содржи тој план, рече Мероли.
Има точни работи во Извештајот коишто се спомнати и видливи на лице место, но има многу пропусти и многу работи кои се погрешни, се со цел да се одвлече вниманието на јавноста од овие проблеми, вели Никола Киселинов од Туристичката асоцијација на град Охрид „Билјана“.
Редовно се носат извештаи кои само го затскриваат проблемот. Крајно време е да ги решаваме проблемите и да ги прикажуваме ситуациите реални како што се. Државниот завод за ревизија во јануари излезе со Извештај за состојбата со заштитата на културното наследство во нашата држава во кои се наведува дека не е доволно ефикасно, а во последниот Извештај на УНЕСКО се е во ред. Имаме контрадикторност на две државни институции, Државниот завод за ревизија и Министерството за култура. Во Извештајот на УНЕСКО се спомнуваат 80%, а во извештајот на ДЗР од 16-23% реализирани активности, вели Киселинов.
Ндерим Положани, претставник на невладината „Капс“ Струга, потенцира дека државата воопшто не комуницира со невладиниот сектор, што е и препорака од УНЕСКО за да можат да дадат придонес.
Хаотичната состојба не одговара на ниедна страна. Страда туризмот и во Струга и во Охрид поради хаотичната состојба со урбанизацијата и слично. Голем проблем е и заштитата на Охридското Езеро и човечкото влијание врз нашиот еко систем. Ние секогаш ќе бидеме гласот на интересот на граѓаните. Институциите треба да седнат и да ги решаваат сите точки кои можат да ги решат, а ние сме овде за да помагаме, да дадеме придонес, вели Положани.
Сашо Кироски, дипломирам археолог од Здружението за заштита на природното и националното богатство потенцира дека културното наследство е во сериозни проблеми и од албанската и од охридско-струшка страна.
Во последниве петнаесет години ниту еден проект не е направен од страна на Завод и Музеј Охрид, немаме ниту едно археолошко-научно истражување, а сето тоа е спомнато во проект Планот на УНЕСКО до 2029 година кој треба да се спроведе и сето тоа треба да ни го кажуваат други експерти. Ние доволно знаеме дека треба да го истражиме културното наследство. Со проектна идеја која ја имаме да се направи првиот отворен музеј во Европа на ридот Енгелана бенефит ќе имаат пет општини. Со ова ќе излеземе и во пресрет на препораките на УНЕСКО за сите тие археолошки локалитети кои влегуваат во зоната А дека треба да бидат заштитени, вели Кироски.
Од невладините организации потенцираат дека имаат намера да пуштат заедничко писмо до македонската и албанската Влада во кое ќе биде наведено што мислат дека треба да се направи во насока на заштита на Охридското Езеро.
Н.С.Ј.