Второстепената комисија за одлучување во управна постапка го поништи решението донесено во септември оваа година од страна на градоначалникот на Струга за разрешување на Ана Столеска од должност директор во ОУ „Јосип Броз Тито“ пред завршување на мандатот. Столеска која во меѓу време беше прераспоредена на друго работно место во училиштето, очекува локалната самоуправа да постапи по решението.

 

Тони Савески, кој три месеци ја извршува функцијата вршител на должност директор на училиштето, вели дека промени на раководната позиција нема да има.

-Според моите сознанија останува се вака како што е, а се друго треба да се решава низ институциите на системот, ова е правна држава и секој има право да ги бара своите права доколку мисли дека е оштетен.-изјави за медиумите Савески.

Решението на второстепената комисија е доставено до општина Струга, која најави деќа ќе поднесе жалба до Управниот суд и со докази ќе ја образложи одлуката за разрешување на Столеска од директорската функција во ОУ „Јосип Броз Тито“.

-Па има причини, за неспроведување на програма, имаме сознанија за злоупотреба на работно место, проневера на финансиски средства. Тие сознанија ќе се поткрепат со конктретни докази во понатамошната постапка. – рече Сурија Рашити, раководител на секторот за образование општина Струга.

Рашити истакна дека каква и одлука да донесат надлежните инститиции за случајот, општина Струга ќе ја почитува.

OhridNews