Младите од Охрид после долг временски период преку новоформираниот Локален совет на млади, ќе имаат можност да ги пренесат своите идеи и иницијативи на институциите и органите на системот во државата, со цел остварување на општите интереси.
Охриѓани сметаат дека доколку се реализира кампањата „Моја идеа, за мојот град да биде вечно млад“, на младите ќе им се овозможи долгорочно да ги решат дел од пробелмите со кои се соочуваат во сите изминати години, односно ќе ја снема онаа бариера помеѓу надлежните институции и барањата на младите.
„На хартија, кампањата спроведена од Локалниот совет на млади изгледа навистина добро. Се надеваме дека во наредниот период ќе бидат разгледани дел од барањата, кои изминативе години младите се обидуваат да ги пренесат преку вас, медиумите. Ако овој начин на работа вроди со плод, тогаш ќе ја снема онаа бариера која се уште ја има помеѓу нашите сограѓани и институциите на системот, кои во минатото остануваа глуви на барањата.“ – велат охриѓани.
Меѓу идеите, за кои младите потенцираат дека се неопходни во Охрид, се спортски игралишта каде секој поединец ќе може да ги оствари своите рекреативни замисли.
„Фалат фудбалски игралишта на мали голови, кои нема да се дел од училиштата, а во кои сите ќе можат бесплатно да се рекреира. Нека бидат во кој било дел од градот, солидно опремени, како некогаш што беше полигонот за мали спортови. На Охрид му недостасуваат кошеви, кои се почесто се мета на вандалите и несовесните граѓани.“ – потенцираат млади од Охрид.
Во овој дел, охриѓани уште бараат спортско-рекреативна патека долж крајбрежјето, соодветни велосипедски и пешачки патеки, градски парк и место за домашните миленичина.
„По теркот на многу европски градови, но и по примерот на Скопје, каде долж течението на реката Вардар се поставени гимнастички справи за вежбање, бараме надлежните во Охрид да вратат со иста мерка и на сите рекреативци да ни овозможат солидни услови долж крајбрежјето. Има повеќе локации, кои можат да се искористат за оваа намена, а веќе подолг временски период се запуштени и оставени на милоста на природата. Потребно е да се конструираат велосипедските патеки, кои се во очајна состојба. Потребен е голем градски парк, каде човек ќе може да избега од секојдневнието. Добро би било да се изгради посебен парк за домашните миленици, со оглед на тоа што голем број сограѓани не ги почитуваат мерките за носење заштитна маска за нивните кучиња.“ – потенцираат охриѓани.
Од првото охридско Здружение за заштита, помош и вдомување на животни, „Анималиа“ сметаат дека е потребна поддршка од локалните институции за отворање современ стационар со кој ќе се олесни вдомувањето на улични и бездомни животни кои се среќаваат на територијата на општина Охрид.
„Анималиа е релативно ново здружение за заштита на животни, прво од таков тип во Охрид и околината. Како здружение се залагаме за правата на животните, нивна заштита, грижа и вдомување. Нашата цел е да се поткрене нивото на совеста на младиот човек за живиот свет околу него и неговото значење.“ – велат од „Анималиа“.
Неодамна, по теркот на Младинскиот културен центар Скопје и Домот на млади Штип, голем број охриѓани ја изнесоа идејата за отворање катче во градот, каде младите ќе можат да го поминат своето слободно време и да ги остварат своите уметнички цели.
„Идејата за основање на Младински културен центар во Охрид има повеќе позитивни страни, а ниту една негативна. Младите охриѓани ќе имаат шанса да го насочат својот ентузијазам и креативен потенцијал на едно место, каде што побрзо ќе се развиваат поради можноста за размена на идеи и позитивната работна околина. Објект кој би вклучувал концертна помала сала, просторија за изложби, мултимедијална просторија за групно следење, дискутирање и дејствување на младите. Како пример ќе го посочам Штип кој веќе има еден таков комплетно опремен Дом на млади, додека кај нас, иако сакаме да бидеме град-лидер со културни настани, ваков центар нема. Недостасува и простор каде охридските бендови ќе имаат можност да вежбаат и целосно да се афирмираат, катче кое ќе е целосно опремено и во служба на охриѓани.“ – велат охриѓани, потенцирајќи дека не постои можност младите да го искажат својот талент во сопствениот град.
Инаку, под мотото „МОЈА ИДЕА, ЗА МОЈОТ ГРАД ДА БИДЕ ВЕЧНО МЛАД“, Локалниот совет на млади при општина Охрид спроведува кампања со цел да се се соберат што поголем број идеи во насока на подобрување на општествениот живот во Охрид и статусот на младите.
Како што информираат од Локалниот совет, идеите во писмена форма може да се достават во Архивата на општината со назнака за Локален совет на млади или по електронски пат на следниот маил: [email protected]
O.T.