На 26 и 27 септември во Охрид ќе се одржи „Ohrid Outdoor Festival 2026“, дводневен спортско-рекреативен настан посветен на outdoor спортовите, активниот начин на живот, природата, авантурата и активностите на отворено.

Фестивалот има за цел да ги обедини спортот, рекреацијата и активностите во природа, нудејќи разновидни содржини за различни категории учесници и посетители. Истовремено, фестивалот има за цел да придонесе кон промоцијата на Охрид и охридскиот регион како атрактивна дестинација за активен, спортски и авантуристички туризам, велат организаторите, ТОП АДВЕНЧРС – Охрид.

Во рамките на фестивалот, посочуваат, ќе бидат реализирани различни спортски и рекреативни активности, презентации, демонстрации и придружна програма, со вклучување на повеќе outdoor дисциплини од областа на спортовите на земја, вода и воздух.

На 26 септември 2026 година ќе се одржи презентација на активностите и можностите за учество, како и пријавување и резервација на активности за наредниот ден. Програмата ќе биде надополнета со музика, храна, освежување и дружење во пријатна фестивалска атмосфера.

На 27 септември 2026 година, додаваат, ќе следува реализација на претходно резервираните активности, со можност за активно учество во различни outdoor дисциплини, како и панел-дискусија посветена на спортот, активниот начин на живот, outdoor културата и развојот на активниот туризам.

На фестивалот се очекува присуство на учесници, посетители, спортски клубови, партнери, организации и претставници од различни области поврзани со outdoor спортовите, рекреацијата, туризмот и активниот начин на живот.

OhridNews