Министерството за внатрешни работи на Р. Македонија пресече меѓународен канал за транспорт на дрога од Албанија, при што заплени околу 300 килограми опојна дрога марихуана. Во акцијата од слобода се лишени три лица. 

Имено, вчера околу 15:00 часот, по претходно добиена информација за сомнителни активности во близина на с.Радожда, Струга, преземени се оперативно тактички мерки и поставена е заседа од страна на полициски службеници во близина на местото викано Ледиње во близина на с.Радожда, Струга каде биле забележани 9 полни патнички торби. Околу 16.30 часот од страна на полициските службеници било забележано едно патничко моторно возило со кичевски регистерски таблички и две лица кои се приближиле до патничките торби и започнале да ги товараат торбите во возилото. По реакција на полициските службеници фатени се и лишени од слобода А.А (42) и Л.М. (33) двајцата од Кичево, од кои едниот е полициски службеник во Полициската станица за обезбедување на државната граница „Стрезимир“. – информираат од МВР.

По извршениот преглед во патничките торби биле пронајдени 206 пакувања облепени со кафеава селотејп трака со растителна материја, најверојатно марихуана, со вкупна тежина од околу 300 килограми. Во обавениот разговор со лицето од Кичево, истиот изјавил дека имал претходен договор со друг полициски службеник И.Г. (32) во ПС за ОДГ „Стрезимир“ кој му дал инструкции каде да ја преземе марихуаната. Врз основа на инструкциите, заедно со полицискиот службеник кој е приведен на лице место, за паричен надомест од 9.000 евра, наводно требало да ја транспортира марихуаната до Кавадарци каде што требало да ја преземе друго лице.

Одземената растителна материја е предадена за вештачење во Одделот за криминалистичко технички испитување и вештачења, при што е утврдено дека се работи за 297 килограми и 635 грама марихуана со висок квалитет. Според досегашните сомненија истата потекнува од Албанија и со кајче била илегално внесена во земјава. Запленетата марихуана најверојатно била намената за продажба на нарко пазарот во земјите на западна Европа, каде би достигнала цена помеѓу еден до два милион евра во зависност од тоа дали би се продавала на големо или на мало.-проценува МВР. 

Полицијата работи на целосно расветлување на случајот.

OhridNews