Во рамките на акцијата Април која се спроведува од страна на Сектор за контрола и истраги при Царинската управа на Република Македонија, царинските инспектори вчера на граничниот премин Табановце спречија шверц на 13 килограми високо квалитетна марихуана. Марихуаната била пронајдена во патничко моторно возило со албански регистарски ознаки,  управувано од албански државјанин кој во возилото бил со уште еден сопатник.

При контрола на лицата и возилото, инспекторите од Одделението за оперативни работи забележале дека дел од каросеријата е свежо бојадисан, китиран и видно изменет, а при отстранување на китираното место се појавила специјално направена плочка. Со отстранување на металната плочка бил откриен специјално направен бункер во кој се пронајдени 15 пакетчиња обвиткани со селотејп трака премачкани со црна мрсна материја и наполнети со непозната тревкаста материја. Во понатамошен преглед на возилото, под десното совозачко седиште, по отстранување на теписонот и пластичната преграда пронајдени се уште 11 исто такви пакетчиња, обвиткани со селотејп трака премачкани со црна мрсна материја. При извршено тестирање утврдено е дека сите 26 пакетчиња, со тежина од 13 килограми се наполнети со марихуана.

Дрогата било планирано, за сума од 3.000 евра со возилото да се пренесе преку Македонија, Србија, Унгарија и Австрија, до Хамбург – Германија, каде истата требало да биде превземена.  Запленетата марихуана, на западно европскиот наркопазар, при продажба на големо има вредност од околу 40.000 евра, а доколку би се продавала на помали количини, цената би била неколкукратно повисока.

Царинската управа на Република Македонија против осомничените поднесе кривична пријава поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

OhridNews