Изгласани беа сите предвидени 15 точки на дневен ред, од кои најголемиот дел се однесуваа на образованието, и на неколку урбанистички решенија.
До спротиставување на мислењата дојде при последната точка од дневен ред, предлог одлуката за давање согласност за набавка на товарни возила –фургон, за потребите на јавното претпријатие „Нискоградба“.
За советниците од СДСМ потребата за набавка на возилата е основана, додека пак за советничката група на ВМРО- ДПМНЕ тоа е само доказ повеќе за недоговорноста на локалнта самоуправа и менаџментите на јавните претпријатија.
– Факт е дека пред кратко време Нискоградба, при поделбата со МЈП „Проаква“ доби основни и материјални средства за работа. Факт е дека јавното претпријатие е познато по трошењето енормни средства за репрезентација, се соочува со неисплата на платите на вработените и е склоно кон земање кредити. Веројатно тоа не беше доволен показател за неодговорноста, па сега во услови на економска криза се набавуваат 3 возила за кои покрај основицата ќе се плаќаат и кредитни рати, вели координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски.
Тој додава дека е јасно дека формирањето на новите јавни претпријатија беше само од тесно партиски побуди, без економски реални параметри.
Паноски со предлог- на јавните претпријатија во Охрид да им се изврши сериозна надворешна ревизија . После тоа да се донесат одлуки и решенија, меѓу кои би било спојување на сродните јавни претпријатија со што ќе се обезбеди нивна рентабилност и ќе се осигура состојбата на вработените. Или пак, да се воведе кокурентност за оние услуги каде што е дозволливо, со што ќе се обезбеди квалитет и нови вработување во секторот пред се за комунални услуги .
Од ЈП „Нискоградба“ објаснуваат дека набавката на новите возила во голема мера би ги намалило трошоците за набавка на гориво и тековно оддржувањето на постојните возила, стари над десет години.
– Набавката на возилата ќе се изврши по пат на лизинг кој би траел пет години, а ратата по возило би изнесувала 10.000 денари месечно, кои би се плаќале од сопствени средства остварени од добивка во изминатите шест месеци. Тие би ги заменале досегашните возила- Лада нива, со што би се направила голема заштеда во однос на гориво и набавка на резервни делови. Со тие трошоци сега ќе се плаќаат ратите, објаснува првиот човек на ЈП „Нискоградба“, Владо Цветкоски.
Со мнозинство гласови предложената точка беше усвоена.
Светот ги усвои и предлог одлуките за утврдување Нацрт Детален урбанистички план за градежна парцела бр. 11.10.1 на Кп.бр. 16888/2 и Кп.бр. 16906/1 во УЗ 2 дел од УБ 2.4 КО Охрид 3, Нацрт Детален урбанистички план за градежна парцела бр. 11.4.2 на Кп.бр. 4498/1 во УЗ 11 дел од УБ 11.4 КО Охрид 4, општина Охрид 2012-2017 и предлог одлуката за утврдување Нацрт детален урбанистички план за дел од УЗ 12, дел од УБ 12.2-опфат 3 (улица Болничка) КО Охрид 2, Охрид2012-2017.
За нив не гласаа од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ.












