Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Од АХВ информираат дека биле спроведени 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.

За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна, посочуваат во соопштението.

Од спроведените контроли во училиштата, велат од АХВ незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна.

Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна, потенцираат.

Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекоа 1 парична казна и донесоа 5 решенија со наредба за нивно отстранување.

OhridNews