Бурни овации за европската премиера на „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски која вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ го затвори 65. „Охридско лето“.

Изведбата на претставата, не само што се истакна со својата оригинална интерпретација на оригиналот на Софокле, реализирана на квадратно платно, туку понуди и уникатно искуство покажувајќи како театарот може да се спои со аудио-визуелната технологија за да се прошири во бескраен простор.

Петте актери со целото свое тело ја изразуваа режисерската намера во краткорочната соработка со режисерот и тимот од различна јазична и културна средина, притоа изразувајќи ги емоциите на своите ликови. Тие не само што ги одиграа своите улоги, туку и се усогласија со технологијата. Во епилогот, режисерот сакаше да пренесе порака за мир и помирување, а не за војна или одмазда, преку ликот на Електра.

„Приказната за Електра“ е копродукциски проект на „Охридско лето“, Театарската асоцијација на Јужна Кореја и АРТЕМА.

Годинава, „Охридско лето“ понуди уникатна програма која привлече голем број посетители. На фестивалскиот репертоар беа 28 настани од областа на класичната музика, седум театарски претстави, а во дополнителната програма и ликовна изложба и проекција на филмови.

На сцените на фестивалот, Антички театар, црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, на Долни Сарај, во Центарот за култура „Григор Прличев“, како и во „Форт кафе“ под Самоиловите тврдини продефилираа над 1000 извонредни уметници од САД, Чешка, Франција, Австрија, Литванија, Турција, Молдавија, Германија, Полска, Грција, Холандија, Израел, Хрватска, Црна Гора, Кина, Велика Британија, Србија, Русија, Швајцарија, Шпанија, Унгарија, Јужна Кореја и Македонија. Според резервациите за билети, во публиката имаше и бројни посетители од над 30 земји од сите континенти.

Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски е задоволен од посетеноста на годинешното јубилејно издание на фестивалот и од реакциите на публиката.

Воодушевен сум, пред сè, од реакциите на публиката затоа што освен спектакуларното отворање, распродадени бевме секоја вечер. Тоа е показател дека се исплаќа трудот што сме го вложиле при креирањето на програмата и при нејзината реализација од страна на целиот тим на „Охридско лето“. Со оглед на тоа што и за отворањето на фестивалот на 12. јули, Охрид беше делумно празен, нашите сцени беа постојано полни. Тоа значи дека фестивалот сам по себе привлекува туристи, а тоа било и неговата намена при формирањето заедно со уште неколку фестивали во поранешна Југославија. Сметам дека „Охридско лето“ кога има квалитетна програма, има и што да понуди. Има туристи кои посебно доаѓаат во овој период за да слушнат квалитетна класична музика и да гледаат врвни театарски претстави, вели Цуцковски.

Според него, квалитетот на програмата и реномето на фестивалот ќе бидат задржани и надградени во при следното 66.фестивалско издание.

Јас како раководител на национална установа којашто треба да ги штити трајните вредности, секогаш ќе се борам за квалитетот и за врвната уметност, класичната музика и драмските претстави, за да го зачуваме нивото на фестивалот кое е негувано и одржувано 65 години, да продолжиме да го надградуваме и да оставиме на идните поколенија да има со што да се гордеат, додава директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Покровител на „Охридско лето“ е Претседателката на РС Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. Фестивалот е финансиран од Владата преку ресорното министерство за култура и туризам. Годинава генерален спонзор е А1 Македонија, а реализацијата и на ова 65. фестивалско издание беше помогната од бројни спонзори и љубители на уметноста.

OhridNews