Деветтото издание на Beach Film Festival – Охрид беше затворено синоќа на плажата Славија, во амбиент што повторно го потврди она по што овој фестивал стана препознатлив – филмот доживеан под отворено небо, со езерото како природна сценографија.

Вечерта кулминираше со „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска – документарецот што ја носи приказната за земјоделецот Никола и повредениот штрк, а зад себе веќе има богата меѓународна трага: премиера во Венеција, наградата FIPRESCI од Меѓународната филмска критика, Наградата на публиката на Cinema Eye Honors и статус на македонски кандидат за „Оскар“. Неговото прикажување на Славија беше симболичен затворувач – мала, лична приказна што станува универзална.

- Најдобар филм – „Broken Voices“, режија на Ондреј Провазник (Ondřej Provazník). Жирито го издвои филмот што никогаш не покажува повеќе отколку што мора, но и не ни дозволува да го тргнеме погледот – дело што чекор по чекор го гради и го прави видлив механизмот на злоставувањето.
- Најдобро актерско остварување – наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ – Катержина Фалброва (Kateřina Falbrová), за „Broken Voices“, за суптилноста и тивката сила со која ја носи приказната за девојче исправено пред суров свет.
- Најдобар краток филм (официјална селекција) – „On Weary Wings Go By“ на Ану-Лаура Тутелберг (Anu-Laura Tuttelberg), Естонија / Литванија.
- Најдобар студентски филм – „Tilting at Windmills“ на Борјан Гаговски (Северна Македонија).
- Специјално признание – Лауро Крес (Lauro Cress), за дебитантскиот „Impatience of the Heart“.
- Специјално признание – Флорентина Холцингер (Florentina Holzinger), протагонистка на „Moon“.

OhridNews












