Рутинска операција на слепо црево, за малку ќе се претворела во катастрофа кога двајца хирурзи од белградската Универзитетска детска клиника се скарале, излегле од операциона сала и се истепале, оставајќи 12 – годишно девојче на маса на сред операција, објави дневникот Политика.

Анестезиологот Нинослава Илиќ објаснила дека во текот на операцијата која ја водел Спасоје Радуловиќ во салата нагло влегол Драган Вуканиќ кој таа ноќ бил водач на екипата.

„Му се обрати на Радуловиќ на понижувачки начин, професионално го омаловажи. Радуловиќ му врати на ист начин, дојде до кавга, а Вуканиќ го повлече за уво и му залепи шамар“, рекла Илиќ.

Потоа двајцата излегле надвор од салата каде почнале тепачка, а операцијата врз 12 – годишното девојче ја довршил специјализант кој дотогаш само асистирал на главниот хирург.
Во тепачката подебел крај извлекол напаѓачот Вуканиќ, кој сега го тужи колегата за нанесени тешки телесни повреди. Радуловиќ се брани со фактот што како хирург, морал да реагира затоа што Вуканиќ влегол во салата потполно неприпремен, без стерилна опрема и ја попречувал операцијата, загрозувајќи го така животот на пациентот.

Радуловиќ е казнет со едномесечна забрана за вршење операции, а Вуканиќ, освен парична казна добил и забрана за ноќни дежурства една година.

HiNa

С. Костоски