Министерството за земјоделство на Србија објави во средата дека превентивно забрани пуштање во промет на сурово млеко од 27 фарми и 46 семејни домаќинства, пренесува „Макфакс“.
Оваа мерка е донесена по вонредните контроли, кои и натаму се во тек, а заради постоење на сомневање во начинот на исхраната и квалитетот на сточната храна. Како што пренесува овој медиум, дел од млекарите пријавиле до ресорното министерство дека мострите од млечните производи од нивните фарми ги земале неовластени лица, кои не поседувале соодветна легитимација за ветеринарен инспектор
Во земјава, прелиминарните резултати од лабораториските испитувања на дополнителните 25 мостри млеко и преработки од млеко направени во акредитираната лабораторија на Факултетот за ветеринарна медицина, потврдија дека домашното млеко и млечните производи се безбедни, односно дека во нив нема присуство на афлатоксин над максимално дозволените концентрации пропишани во Правилникот за општите барања за безбедност на храната, соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Исто така, од Агенцијата информираат дека се засилени контролите на граничните премини, а од пред десеттина дена на сила е и наредбата за задолжително земање на мостри за испитување на афлатоксини кај увозното млеко и преработките, со што до добивање на резултатите дека производите се безбедни, истите не смеат да се пуштаат во промет.
OhridNews