Со сечење погача и пригодна церемонија, денес, во ресторанот „ Белведере“ Србите кои живеат во Охрид и нивните семејства го прославија празникот Свети Сава. Како што истакнуваат од здружението „ Коштана“ прославата на празникот, се одржува секоја година со цел да се оддаде почит на заштитникот како и да се зачуваат меѓусебните односи и контакти на Србите кои живеат на овие простори.
– Она што Свети Сава го направил останало запишано во писмената историја и колективната меморија на српскиот народ. Неговиот лик е втиснат како митска фигура на предок- заштитник. Потсетувањето и оддавање почит на неговото име кај Србите одамна ги надмина црковните оквири и стана дел од српската традиција и култура. Опстојуваме осум години,а имавме претходно уште едно здружение. За да не испадне дека сме поделени, се обединивме во едно за бидеме единствени. Веќе осма година успешно се дружиме со сите народи што живеат на овие простори, а особено со македонскиот народ, вели претседателот на здружението „ Коштана“ , Сречко Стојановиќ.
Марија Младеновска е една од околу 400 Срби кои живеат во Охрид. Таа веќе 47 години живее во Охрид,каде дошла поради љубовта.
– Уште три години со мојот сопруг ќе славиме златна свадба. Охрид е многу убав град , овде го поминав својот работен век , бидејќи од родниот Крагуевац заминав по завршувањето на средната школа. Овде ги родив и моите две ќерки, ја сакам Македонија, а Охрид за мене е најубавиот град. Редовно одржуваме контакти со Србите во Македонија, како и со Македонците во Србија, се среќаваме еднаш или два пати годишно, заедно ги одбележуваме празниците, раскажува Младеновска.
27- ми јануари, Свети Сава стана дел од законот за празници пред осум годинии и се одбележува како ден на Србите кои живеат во Македонија. Како што потенцираат од здружението, тоа претставува доказ дека на српскиот народ му е загарантирано правото на зачувување и негување на сопствената култура, традиција, идентитет и обичаи.
OhridNews












