Советот за радиодифузија иницираше постапка за одземање на дозволата на Радиото „Канал 77“ и радио „Класик“.

Како што пренесува „Макфакс“ одлуката била донесена со осум гласа за, четворица биле против, а двајца воздржани.

Секторот за правни работи одлучил дека со тоа што Горан Гаврилов, сопственикот на „Канал 77“ го префрлил радиото во сопственост на неговиот син го прекршува членот 11 од Законот за радиодифузија, кој предвидува семејства на јавни функционери да не можат да имаат радиодифузни друштва.

Проблемот со „Канал 77“ настана поради тоа што сестрата на Гаврилов, Билјана Казанџиска е пратеник во Собранието од редовите на СДСМ.

Членот на Советот Миљаим Фетаи побара седницата да биде одложена, бидејќи денеска до 15 часот истекува рокот за промена на сопственичката структура, но неговото барање не беше прифатено. Тој смета дека правниот сектор донел две различни одлуки во врска со ова прашање кога на минатата седница донел заклучок дека синот на Гаврилов може да биде сопственик на радиото, а на денешната седница било констатирано дека со префрлувањето на сопственоста на синот го прекршува членот 11.

Од правниот сектор велат дека денеска го зеле толкувањето од Собранието за тоа што значи семејство, иако дел од членовите велат дека такво толкување воопшто нема.

Столе Наумов, член на СРД, смета дека синот на Гаврилов не е роднина со Казанџиска по прво колено и дека не спаѓа во семејството на Казанџиска. Сепак, членовите иницираа постапка за радиото „Канал 77“. Гаврилов има рок од 15 дена да ги исправи неправилностите.

Сопственикот на радиото Канал 77, Горан Гаврилов најави декаќе ја обжали одлуката на Советот за радиодифузија за иницирање на постапка за одземањето на дозволата за работа на Канал 77.

Тој вели дека ќе иницира постапка за промена на сопственоста, но паралелно со тоа ќе иницирал и постапка пред Управниот суд, којшто како второстепен орган можел да ја преиспита одлуката на Советот за радиодифузија.

„Доколку Управниот суд, пресуди во моја корист, СРД ќе мора да ја почитува нивната одлука“ вели Гаврилов.

За Телевизијата „Канал 5“ членовите на СРД едногласно донесоа одлука за промена на сопственичката структура. Нов сопственик, наместо досегашниот Емил Стојменов, син на пратеникот Борис Стојменов, е Вања Гавриловски, кој е и сопственик на печатницата „11 Октомври“ од Прилеп.

OhridNews
извор:„Макфакс“