
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, средбата на Груевски со Путин има исклучително политичко и економско значење.
„Во политичкиот дел би сакал да истакнам дека најзначајно е што во рамките на престижниот форум посетата на Санкт Петерсбург што ќе ја имаме в четврток премиерот Груевски ќе оствари средба со претседателот на Руската Федерација Владимир Путин што ќе даде нов сигнал и насока за политичките односи меѓу двете земји, но и за економските односи меѓу двете земји во следните години. Тоа е уште една потврда дека Република Македонија тука е примена на највисоко ниво и дека во Русија имаме извонредно отворена врата за развој на политичките, но пред се и за економските односи за кои што ние сме посебно заинтересирани“, изјави Ставрески.
Инаку, владината делегација, во која покрај Груевски и Ставрески се и Ваљон Сарачини, министер за економија и Бил Павлески, министер без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции денеска престојуваше во Москва, каде ги претстави инвестициските можности на Македонија. За следните денови се предвидени и посети на градовите Владимир, Нижњиј Новогород и Санкт Петерсбург.
извор:„Макфакс“












