Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за името.

На средбата, претседателот Иванов ја реафирмираше македонската државна позиција и посветеноста за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за разликата околу името. Беше разгледана актуелната состојба на процесот кој се води под покровителство на ОН и беа разменети информации и мислења поврзани со идеите и размислувањата на специјалниот пратеник Нимиц, како и со исходот од неговата посета на Атина.-информираат од Кабинетот на Иванов.

Македонскиот претседател потенцирал дека како и досега, Република Македонија и натаму активно, конструктивно и со добра волја ќе учествува во процесот, со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение.

Претседателот Иванов изразил очекување, грчката страна, во духот на добрососедството, да покаже добра волја со цел создавање на позитивна атмосфера, за придвижување на процесот и надминување на разликата околу името.

Подготвени сме за средби на највисоко ниво и интензивирање на дијалогот, рекол претседателот Иванов.

Република Македонија инсистира на целосно почитување на рамката во која се води процесот, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Во таа насока, македонскиот претседател очекува поддршка од медијаторот Нимиц, со цел доследност кон меѓународно преземените обврски и прифатената рамка, што е од пресудно значење за процесот, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.

OhridNews