Како што беше кажано по средбата, во текот на плодната дискусија која се развила станало збор – како да се зголеми подршката на локалната самоуправа во однос на заложбите на туристичките водичи за успешна презентација на културно- историските вредности и нивната промоција во меѓународни рамки.
– Им ја изложив мојата изборна програма во делот поврзан со развој на туризмот, изнесовме наши проекти со кои планираме да ја продолжиме туристичката сезона со цел таа да не биде само во летниот период, туку со содржините кои ќе ги реализираме да обезбедиме сезоната да продолжи, со што помасовна посета на туристи, што ќе обезбеди и пообемна работа и за туристичките водичи, изјави Бакрачески.
Тој информира дека на средбата акцент бил ставен и на проблемите со нелиценцираните туристички водичи, за некоординираноста на активностите помеѓу туристичките водичи, агенции и тур- оператори со институциите во локалната самоуправа, како и за проблемите со паркинг просторот во централното градско подрачје.
– Побараа од мене да се обезбеди простор каде ќе може да се паркираат автобусите со туристи на ограничено време. Дискутиравме и за потребата од информативно туристичко биро кое со програмата е предвидено да се изгради во делот на градското пристаниште, а планираме да отвориме и туристичко биро кое би функционирало во локалната самоуправа, изјави Бакрачески.
Туристичкиот водич Љупчо Јузмески изрази задоволство од средбата потенцирајќи дека била особено успешна поради големиот број извлечени заклучоци.
– Разговаравме за проблемите кои не се само наши, туку и проблеми кои го засегаат градот. Се надеваме дека со можните решенија на локалната самоуправа на д- р Бакрачески и советниците еднаш засекогаш ќе ги решиме проблемите, а ќе се зголеми и бројот на туристи, рече Јузмески.
На средбата од страна на д- р Бакрачески било предложено во иднина да биде формирана асоцијација на туристичките водичи која би имала свој статут и органи и која успешно би ги претставувала и штитела нивните права.