Предизвиците со кои се соочува Општина Охрид, статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, реализираните проекти со поддршка на Европската Унија, најголемите проекти кои се планираат за Охрид во иднина, во фокус на денешната средба на градоначалникот Кирил Пецаков и амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Михалис Рокас.
На средбата ги истакнавме неколкуте проекти кои во минатото ги завршивме заедно како Општина и како Европска Унија и сето тоа што го поддржуваат. Поразговаравме и за сите работи кои се поврзани со препораките и мерките на УНЕСКО како тема која во моментов е актуелна и секако дека добрата соработка која и досега ја имаме како Општина и ЕУ не само за проектите, туку за се тоа што подразбира поддршка на Општината и државата ќе продолжи и во иднина, рече градоначалникот Пецаков.
Прашан за Нацрт одлуката на Комитетот со која Охридскиот регион се предлага да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност, градоначалникот, посочи дека ваков Нацрт извештај имало и во минатото па гласањето покажало нешто друго.
Да почекаме. Ако погледнеме што значат забелешките и препораките за Охрид, а што за други општини, што значи за државите Македонија и Албанија, да е критичен тој Нацрт извештај, затоа да почекаме да биде донесе одлуката па ќе поразговараме и ќе ги извадиме на површина сите оние забелешки кои се насочени и дирекно кон нас како Охрид, но и за се тоа што го содржи извештајот како забелешка, рече Пецаков.
Амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Михалис Рокас посочи дека на средбата со градоначалникот Пецаков било разговарано за заедничките проекти кои се имплементираат и финансираат од страна на ЕУ, констатирајќи притоа дека истите се добро имплементирани.
Разговаравме за идните проекти. Нашата сорбатка е одлична. Разговаравме и за приоритетите кои ги имаме ние како ЕУ и се разбира Општина Охрид. Разговаравме и за другите предизвици со кои се соочува Општината Охрид, вклучително и прашањето со УНЕСКО, за други инфраструктурни проекти, за коридорот 8, многу работи има кои се завршуваат на терен. Разговаравме за паркинг местата кои ќе се градат, за центри за третирање на цврст отад, како и за центри за третирање на отпадните води. Мислам дека одиме во вистинскиот правец. Што се однесува до предизвиците кои ги имаме на глобално ниво поразговаравме и за тоа вклучително и за статусот на Охрид како регион, рече Рокас.
Дебатата во УНЕСКО околу статусот на Охридскиот регион ја оцени како позитивна, посочувајќи дека истата им помага и на општините, на градоначалниците, но и на самите власт на централно ниво да можат да ги донесат вистинските одлуки, да можат да видат кои се приоритетите, да можат да се справат со предизвиците кои се ставени од страната на УНЕСКО.
Мислам дека сите чинители кои се во оваа сфера треба да работиме заедно за да можеме да ја подобриме состојбата на Охрид и да го заштитиме статусот кој го ужива во моментов во УНЕСКО и да можеме да осигураме дека од еколошка гледна точка, но и од урбанистичка да има одржливост на овој регион. Само со подобрување на тоа можеме да им помогнеме на самите општини, на другите чинители, да знаеме кои се нашите приоритети. Што се однесува на нашата страна како Европска Унија ние сме со вас, ќе се обидеме да ви помогнеме, потенцираше Рокас.
Во рамки на посетата на Општина Охрид, амбасадорот оствари средба и со претседателот на Советот, Перчо Божиновски и членовите на Советот на Општина Охрид.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска