Во делот на одбраната со Словенија имаме одлична соработка која сега со нашето членство во НАТО дојде и на едно повисоко ниво. Состанокот го започнавме со нашата длабока загриженост и силна осуда на она што вчера се случи во Кабул, во Авганистан, во нападите во кои животите ги изгубија и војници и цивили. И сакаме ова неоправдано, неразбирливо, неприфатливо насилство силно да го осудиме и да кажеме дека и како членки на НАТО силно ќе се спротивставиме на ваквиот развој на настаните во Авганистан. Ова денеска го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска по средбата со нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин.

Министерката Шекеринска информира дека со Тонин споделиле искуства за состојбата со наши граѓани или воени лица во Авганистан.

Северна Македонија на време успеа да ги донесе своите офицери и војници дома. Во јуни објавивме крај на нашиот ангажман во Авганистан и буквално сите припадници на Армијата, заедно со медицинскиот тим кој требаше да биде во Авганистан според иницијалните планови до септември, успеавме секој без жртви и ризици да го вратиме во татковината уште во јуни, нагласи Шекринска. Додаде дека Владата во изминатите месеци направила се за да обезбеди сигурно враќање и на нашите граѓани кои таму работеа.

Спoред неа, она што сега се случува во Авганистан не е само закана за безбедноста на цивилите, воените структури кои се уште се таму, туку и генерално опасност за регионот, а последиците се чувствуваат на европско тло.

Местото на Северна Македонија е во Европската унија, Словенија ќе направи се што е во нејзината моќ да станете што побрзо полноправна членка на ЕУ. Ја имате целосната поддршка на Словенија. Ќе се потрудиме да им кажеме на нашите бугарски пријатели дека и во нивен интерес е Северна Македонија да стане членка на ЕУ.

Ова го истакна Матеј Тонин заменик премиер и министер за одбрана на Словенија, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, на заедничката прес – конференција во Охрид со неговиот домаќин министерката Радмила Шекеринска.

Денеска меѓу Северна Македонија и Словенија постои еден вид стратешеко партнерството кое ќе се заклучи со формален договор меѓу државите. Сигурен сум дека оваа соработка ќе биде поитензивна. Го чекам денот кога ќе станете полноправна членка на ЕУ, порача Тонин.

Тој ја поздрави одлуката на Скопје како НАТО-сојузник да учествува во словенечкиот контингент во Летонија во рамки на мисијата на НАТО.

Од Охрид, министерката Шекеринска и нејзиниот словенечки заминаа за Берово, каде што ќе имаат средба со градоначалникот Звонко Пекевски, кој од името на граѓаните на беровскиот регион ќе му врачи на словенечкиот министер Плакета за Здружените сили на цивилна заштита на Словенија, во знак на благодарност за брзата реакција во справувањето со шумските пожари.

OhridNews