
“Моментално, бројот на активното, преостанато боречко членство е околу 400, но затоа пак, бројот на продолжувачите на традициите, се наближува кон 300. Сосема е нормално, двете асоцијации, за кус период да се изедначат по бројот, а веднаш потоа, приматот да го земат наследниците, односно поддржувачите на традициите”, рече во разговорот претседателот на Боречката организација Крсте Крстаноски.
Крстаноски искажа задоволство што на советничките листи има неколкумина од делот на поддржувачите на традициите. “Особено не радува што има наши членови – поддржувачи на самиот врв на листите. Ние веруваме дека во наредниот Совет на општина Охрид, ќе имаме наш член, кој ќе ги застапува нашите интереси”, напомена Крсте Крстаноски.
Веле Митаноски, рече дека, во Боречката организација, односно Секцијата на поддржувачите на револуционерните традиции, се зачленил и активно работел уште со самото конституирање, пред повеќе од една деценија. ” Самиот потекнувам од семејство, во кое сите беа учесници во НОВ и Револуцијата. Мојот татко Ристо Митаноски, е исто така член на органите на Боречката организација во Охрид, што значи станува збор за генерациско наследство”, рече Веле Митаноски во изјавата за медиумите.
Митаноски додаде, дека, образованието го започнал во родното село, токму во зградата во која, во 1943 година, престојувал Главниот штаб на НОВ, во која е издаден Манифестот до македонскиот народ, тука била првата партизанска болница и првата печатница. ” Во таа зграда е формиран Иницијативниот одбор, и од тука се тргнати Асномците за Прохор Пчински.
Станува збор за историски корени на македонската држава и државност и тоа наследство мора да се негува. Тоа треба да биде во кодот на секој Македонец. Што се однесува до мене, со гордост истакнувам дека тоа е својство и на моите деца, а веќе сум сигурен дека ќе биде прифатено и од моите внуци”, потенцираше Веле Митаноски, потпретседател на СДУ и носител на Советничка листа – информираше партиската прес служба.










