Во рамки на Светскиот економски форум, кој неделава ќе се одржи во швајцарскиот град Давос, предвидена е средба на премиерите на Република Македонија и Република Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Премиерот Заев при неодамнешната посета на Струга потврди дека ќе има средба со својот грчки колега на 24-ти јануари и изрази оптимизам дека прашањето за името може да биде решено доколку има добра волја од двете страни. Тој не сакаше да ги коментира неофицијалните информации дека преговарачот Нимиц ставил на маса конкретни предлози за решавање на спорот со името, посочувајќи дека на проблемот Македонија му пристапува сериозно.

За суштината на предлозите, на разговорите и рамката којашто е испорачана не би требало јавно да се зборува за да не ги уништиме шансите на преговорите. Гледате дека се води транспарентен процес, знаете дека сакаме со национален консензус да го изградиме решението за ова прашање и на крајот граѓаните на референдум да го потврдат. Јас сум убеден ако бидеме внимателни, ако водиме грижа дури и за грчката страна, а грчката страна да води грижа за нашата страна, верувам дека ќе се изнајде решение за ова прашање коешто 25 години не измачува пред се нас. – изјави Заев.

OhridNews